/ Прочитано:

1.826

Судење „Монструм“: Обвинетите со детали за своето алиби за кобниот ден

Среда, 9 јануари 2013 – Тројцата обвинети раскажаа три различни алибија за кобниот ден; сите биле верници, но немале бради и никогаш не биле во Авганистан. Првообвинетиот Агим Исмаиловиќ на кобниот ден поставувал канализациона цевка во семејната куќа; обвинетиот Фејзи Азири одбирал јагниња за градоначалникот на Илинден и за негов пријател, а обвинетиот Сејми Рами вршел размена на возила под Железничката станица во Скопје. Сите тројца ги отфрлија наводите во обвинителниот акт. За утре остана уште последниот обвинет Хаки Хазири, кој треба да се изјасни во однос на обвинението за тероризам. Тој најпрво беше заштитен сведок, а потоа стана обвинет. Неговиот исказ во истрага е контрадикторен со исказите на останатите, тврди дека ги земал обвинетите од местото на убиството. Африм Исмаиловиќ и Алил Демири се во бегство. 

Од лево кон десно: обв. Агим Исмаиловиќ, адв. Насер Рауфи, обв. Фејзи Азири, обв. Хаки Хазири, обв. Рами Сејди

Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Рами Сејди, Хаки Азири се обвинети за тероризам. Според обвинителството, тие на 12 април 2012 година, спроти Велигден, со цел да влеат страв кај македонското население и да се загрози безбедноста на земјата, со вкупно 21 истрел од Калашников и пиштол ги усмртиле на самото место петте рибари кои ги затекнале кај Смиљковското езеро. Обвинетите Африм Исмаиловиќ и Алил Демири се во бегство, па им се суди во отсуство.

Согласно со наводите во обвинителниот акт, Смиљковското езеро како место на злосторството е избрано поради тоа што обвинетиот Фејзи Азири бил концесионер на имот близу езерото, поради што и му бил познат теренот. Фејзи Азири, Сејди Рами, Агим Исмаиловиќ и уште три непознати лица, пред 12.04.2012 година го разгледувале теренот. Регистрирале колку лица доаѓаат, од која националност се, на која возраст, кога доаѓаат и кога си одат од езерото. Паднал договор убиството да се случи на Велики четврток. Како што се договориле, Алил Демири, заедно со браќата Исмаиловиќ околу 19.00 часот дошле на езерото. Демири носел пиштол, а браќата автоматски пушки. Демири со пиштолот испукал 8 куршуми, а браќата Исмаиловиќ 13, сите истовремено упатени кон четирите момчиња. Куршумите завршиле во нивните тела, ги усмртиле на лице место. На само 50 метри случајно се затекнал рибарот Борче Стефковски; обвинетите го забележале и во него пукале со 5 куршуми додека тој бегал кон своето возило.

>> Предметот целосно можете да го проследите тука.

Тек на рочиштето

16:05 – Судскиот процес продолжува утре, 10.01.2013 година во 10 часот, исказ треба да даде обвинетиот Хаки Хазири.

15:30 – Обвинителството бараше од обвинетиот јасно да објасни за неговата механичарска работилница која се наоѓала на влезот на селото во Арачиново, близу полициската станица. Обвинетиот Рами, преку одговори, повторно раскажа за неговата средба со обвинетиот Демири, браќата Агим и Африм Ислаловиќ. Потоа раскажа и за лицата кои се дел од неговото алиби за кобниот ден, во детали објасни точно на кои возила со регистерски таблички вршеле замена кај Железничката станица, во периодот за кој ОЈО го товари дека отишол во Белимбегово за да му пренесе на обвинетиот Фејзи Азири дека убиството е извршено односно како што стои во обвинението работата е завршена.

Бранителот Митко Солаков на обвинетиот Сејди Рами му поставуваше прашања за телефонските картици кои Рами ги поседувал во април 2012 година. Обвинетиот објасни дека неговиот број кој се води на негово име веќе две години го поседувал негов братучед, а тој лично користел телефонски картици на припејд, бидејќи така му било поекономично.

14:50 – По паузата, во судницата исказ даваше обвинетиот Сејди Рами. Рече дека не се чувствува виновен, а дел од обвинетите воопшто не ги ни познавал. За обвинетиот Фејзи Азири појасни декја не го знае, Алил Демири го познава поради тоа што му го поправал возилото, а браќата Агим и Африм Исмаиловиќ како што појасни ги познава од видување, но никогаш не контактирал, ниту, пак, се дружел со нив. За кобниот ден рече дека бил на работа до 21.00 часот. Потоа, како што раскажа, отишол до дома, па заедно со уште еден Македонец и уште еден Албанец правеле замена на возилата под Железничката станица во Скопје. После заминале во куќата на Албанецот во Арачиново, се напиле кафе, па обвинетиот си отишол дома. За петкратното убиство, рече, дознал преку медиумите следниот ден. За деновите пред убиството објасни дека бил на работа најмалку до 19.00 часот, а кога имал повеќе работа останувал и подоцна. На прашања на судијата детални ги објасни врските со останатите обвинети. За обвинетиот Демири рече дека го познава преку братот на Демири, му го поправал возилото, но никогаш не се дружел со него. За браќата Агим и Африм изјави дека живеат во близината на неговата тетка, па ги знае од видување, а лично се запознал, како што објасни, преку обвинетиот Демири, кој го одвел во нивното интернет кафуле кое се наоѓа во населбата Сингелиќ. Обвинетиот Рами појасни дека отишол да се види со Демири во интернет кафулето само затоа што со него имал договор да го одведе таму откако ќе му го поправи возилото. За обвинетиот Фејзи Азири рече дека никогаш го нема сретнато во животот.


14:00 – Судијата даде пауза од 40 минути.


12:30 – Четвртообвинетиот Фејзи Азири, кој е вујко на обинетиот Алил Демири и чичко на обвинетиот Хаки Хазири, истовремено и концесионер на земјипте до Смиљковското езерото, во детали го даде своето алиби за кобниот ден, почнувајќи од изутрината во 5 часот, до неговото заспивање во 11.30 часот.

Азири раскажа дека како и секој друг ден, така и на кобниот ден се молел, ја нахранил живината на фармата во с. Билимбегово, а потоа облекол костум, бидејќи бил во суд, каде се задржал до 11.00 часот. Потоа се упатил во Општина Илинден, бидејќи имало промоција на проект за легализирање дивоградби. Објасни дека таму биле присутни медиумите, министерот за транспорт и врски Миле Јанакијевски, и градоначалникот на општината, Жика Стојановски. Откако завршила промоцијата, вели, имал средба со градоначалникот кој му побарал јагне за Велигден, а тука бил и негов сосед кој исто така му побарал јагне. На промоцијата се задржал до 17.00 часот. Потоа, веднаш се упатил во фармата за да тргне  настрана две јагниња. На фармата тврди дека се задржал до 20 часот, а потоа, наводно, заминал во Бутел за да му го врати паричниот заем на својот пријател Горан. Вечерта си дошол во својот дом во Шуто Оризари; гладен и изморен легнал во 23.00 часот.

Судијата го запраша дали вака детално се сеќава и на претходните денови, односно на 10 и 11 април 2012 година. На ова, тој во неколку реченици објасни дека се занимавал со стоката и не можеше детално да каже со кого се среќавал и за што разговарал.

Обвинетиот Фејзи Азири на полицијата ѝ е познат од 2009 година, кога во ноември беше уапсен од алфите како единствен осомничен за вооружениот инцидент што се случи тогаш во кругот на живинарската фарма „Белимбегово“. Тогаш, група стрелаше кон тројца трактористи кои под концесија ги имаа земено нивите кај живинарската фарма. Според МВР, Азири под концесија ги зел халите на живинарската фарма, а на денот на инцидентот испукал неколку куршуми во воздух додека тројца земјоделци со трактор орале нива во кругот на фармата. Полицијата, пред хангарот чиј концесионер бил Азири, нашла 5 Калашникови и испукани околу 50 чаури, но од десетмината уапсени само Азири беше обвинет за предизвикување општа опасност и недозволено држење оружје. Тогаш, неофицијално како мотив за пукањето беше нетрпеливоста меѓу Азири и скопјанецот што под концесија ги имал земено нивите од живинарската фарма.

12:10 – Прашања на обвинетиот му поставуваше обвинителството. Обвинителот Гордана Гешкоска детално го испрашуваше Исмаиловиќ  за начинот на работа на интернет кафулето, односно кој во која смена работел, дали му е познато местото околу езерото и дали знае каде во моментов се наоѓа неговиот брат.

„И на полициските инспектори, кои се сомневаат дека брат ми е на Косово, им посочив да ги проверат точните места каде би можеле да го најдат. Јас не сум го слушнал ниту видел од април годинава“, изјави Измаиловиќ. Според неговото кажување, брат му ја напуштил земјата при крајот на март 2012 година бидејќи требал да издржува  казна затвор од 1 година.

Беше прашан и за неговото семејно потекло. Раскажа дека мајка му е од Бујановац, Република Србија, татко му од Качаник, Косово; се родил и образувал во Македонија, но уште нема македонско државјанство. Тој додаде и дека никогаш не бил во Авганистан.

11:05 – Главниот претрес стартуваше со исказот на  првообвинетиот Агим Исмаиловиќ. Обвинетиот најпрвин објасни зошто се бранел со молчење во истрага.

Според неговото кажување, тој до доцна вечерта бил на работа, а потоа полиција го упасила; бил изморен и малтретиран од страна инспекторите во ПС, па затоа одлучил да молчи. Ги отфрли наводите во обвинението и објасни дека на деновите 9, 10, 11 и 12 април 2012 година бил во својата куќа каде наводно поставувал канализациона мрежа. Наведе дека никогаш немал долга брада, а го отфрли и исказот на заштитениот сведок. Го негира и, како што вели, наводниот исказ на обвинетиот Хаки Хазари, кој најпрвин беше заштитен сведок, а потоа заврши како шестообвинет. Поради судир на интереси, судијата го прекина исказот на обвинетиот бидејќи истиот бранител Насер Рауфи ги застапува двајцата обвинети кои имаат контрадикторни искази и му го откажа полномошното на адвокатот Рауфи за Хаки Хазири.

Во понтамошниот исказ, тој го негираше описот на заштитениот сведок кој наводно го видел кај Смиљковското езеро, а негира и дека Хазири го возел  до Топанско поле.

„Имам голем сомнеж во овие искази; јас се молам пет пати неделно — во тој час кога се случило убиството не бев на тоа место, туку во џамијата во населбата Синѓелиќ“, се изјасни обвинетиот.

Од шесте обвинети, рече, ги познава неговиот брат Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, кои се во бегство. Раскажа дека тројцата заедно биле сопственици на интернет кафуле. Посочи дека го познава и Хаки Хазири, кој наводно го запознал кон крајот на 2009 година, кога се вратил од Германија

11:00 – Со доценење од речиси еден час, стартува рочиштето. Условите за одржување на главен претрес се исполнети.