/ Прочитано:

1.499

СУДЕЊЕ „Монструм“: Повторно беа сослушувани сведоците и оштетените

Понеделник, 13 јануари 2014 – Судскиот процес денеска продолжи со повторно сослушување на оштетените и сведоците. Ваквиот тек на постапката е резултат на почнувањето одново на главната расправа поради проширувањето на обвинението со седмообвинетиот Сами Љута. 

Оштетените лица, семејствата на жртвите во петкратното убиство, останаа на изјавата дадена пред истражен судија како и на главниот претрес што се одржа на 15.01.2013. Околу оштетното побарување тие дополнително писмено ќе го известат судот. 

Во улога на сведоци повторно пред судскиот совет застанаа и тројцата рибари кои на критичниот ден ловеле риба на Смилковското езеро. Тие останаа на исказот даден пред истражен судија и на главниот претрес одржан на 17.01.2013.

За потсетување, двајца од нив тогаш раскажаа дека ги виделе момчињата кога дошле на езерото, а сите го раскажаа истото – кога сакале да си заминат вооружен маж во придружба со уште неколку лица пресекувајќи им го патот им се заканил дека ќе ги убие ако не се вратат назад.  Откако исплашени се вратиле на местото каде претходно рибареле слушнале рафално пукање. На тогашното рочиште ниту еден од нив, не можеше да ги препознае лицата кои им се заканувале меѓу обвинетите во судницата.  Идентичен исказ, овие сведоци имаа и денеска во однос на новиот обвинет, Сами Љута, тврдат дека не го виделе на местотото на настанот.

Роднините на обвинетите останаа на претходните искази. Еден од браќата на обвинетиот Фејзи Ајзири, појасни дека неговиот брат има концесија на парцели кај Смилковското езеро, но дека заедно ја работеле земјата бидејќи се работи за фамилијарен бизнис. Сведокот негираше дека имале некогаш проблем со парцелите во однос на меѓите.

Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Рами Сејди, Хаки Азири и Сами Љута се обвинети за тероризам. Според Обвинителството тие на  на 12 април 2012 година, за време на Велигденските празници, со цел да влеат страв кај македонското население и да се загрози безбедноста на земјата, со вкупно 21 истрел од калашников и пиштол ги усмртиле на лице место петте рибари кои ги затекнале кај Смилковското езеро. Обвинетите Африм Исмаиловиќ и Алил Демири кои најпрвин беа во бегство, се наоѓаат во притвор на Косово поради нелегално поседување на оружје, моментно се чека на нивната екстрадиција – им се суди во отсуство. При крајот на месец август, полицијата го уапси Сами Љута (28) под сомнение дека е дел од осомничената група осомничена за извршувањето на петкратното убиство.

>> Предметот целосно можете да го проследите тука.