/ Прочитано:

1.665

Судење „Монструм“: Сведочеа оштетените лица – семејствата на жртвите во петкратното убиство, дополнително ќе се произнесат за оштетното побарување

Вторник, 15 јануари 2013 – Судскиот совет ги сослуша оштетените лица, семејствата на жртвите во петкратното убиство. Сите се приклучија на кривичниот прогон, останаа на изјавата дадена пред истражен судија и одвај ги задржаа солзите кога требаше да се изјаснат за висината на оштетата. Судијата на кратко ги прашуваше обидувајќи се да одржи ред и мир, обвинетите беа седнати во едниот крај од судницата во која имаше засилено полициско обезбедување. Повиканите сведоци, предложени од обвинителстото не се појавија на денешното рочиште. 

Од лево кон десно: обв. Агим Исмаиловиќ, адв. Насер Рауфи, обв. Фејзи Азири, обв. Хаки Хазири, обв. Рами Сејди

Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Рами Сејди, Хаки Азири се обвинети за тероризам, според обвинителството тие на  на 12 април 2012 година во очи Велигден со цел да влеат страв кај македонското население и да се загрози безбедноста на земјата, со вкупно 21 истрел од калашников и пиштол ги усмртиле на лице место петте рибари кои ги затекнале кај Смилковското езеро. Обвинетите Африм Исмаиловиќ и Алил Демири се во бегство, им се суди во отсуство.

Согласно наводите во обвинителниот акт, Смиљковското езеро како место на злосторството е избрано поради тоа што обвинетиот Фејзи Азири бил концесионер на имотот близу до езерото, па нему му бил познат теренот. Фејзи Азири, Сејди Рами, Агим Исмаиловиќ и уште 3 непознати лица, пред 12.04.2012 година го разгледувале теренот. Регистрирале колку лица доаѓаат, од која националност се, на која возраст, кога доаѓаат и кога си одат од езерото. Договорот паднал убиството да се случи на кобниот Велики четврток. Како што се договориле, Алил Демири заедно со браќата Исмаиловиќ околу 19 часот дошле на езерото. Демири носел пиштол, а браќата автоматски пушки. Демири со пиштолот испукал 8 куршуми, а браќата Исмаиловиќ 13, сите во истиот  момент упатени кон 4-те момчиња. Куршумите завршиле во нивните тела, ги усмртиле на лице место. На само 50 метри случајно се затекнал рибарот Борче Стефковски, обвинетите го забележале, во него пукале со 5 куршуми додека тој бегал кон своето возило.

>> Предметот целосно можете да го проследите тука. 

Тек на рочиштето

11:30 – Сведоците предложени од обвинителството иако уредно повикани не се појавија на рочиштето. Судијата нивното сведочење го одложи за 17.01.2013 година во 10:00 часот. 

10:35 – Судијата еден по еден ги повикуваше родителите на жртвите, сите се приклучија на кривичниот прогон и останаа на она што го кажале во истражната постапка. Околу оштетното побарување рекоа дека дополнително писмено ќе го известат судот. Скоро сите одвај ги задржаа солзите во судницата, а таткото Горан Наќевски не издржа, а да не го каже она што го мисли. 

„Сигурен сум дека ова се убијците, ќе барам оштета и се приклучувам на кривичниот прогон“, рече Наќевски. 

Обвинителството за сите оштетени лица имаше само едно прашање, а во однос на тоа дали се сеќаваат на телефонскиот број кој го поседувале нините синови во кризниот период, на што сите дадоа потврден одговор. 

10:30 – Старт на рочиштето. Условите за одржување на главен претрес се исполнети.