/Прочитано:

2.756

Инфо за предметот

Надлежен суд: Основен суд 1 Скопје

Бр. на предмет: КОК.бр.3/09

СУДЕЊЕ

Почеток: 02.04.2009

Судија: Судија Зоран Димитриевски (претседавач), Судија Христина Павловска

Обвинети:

  • Бајруш Сејдиу - 5 години затворска казна за злосторничко здружување, злоупотрена на службена положба и овластување и Законот за акцизи и 25.200 евра парична казна за неовластено користење на туѓа фирма
  • Наим Сефери - 5 години затворска и парична казна
  • Ремзи Рамани - 5 години затворска казна и парична казна

„Пепел 1“

Директори, магационери, транспортери-дилери заедно со сопственикот на Тутунскиот комбинат „Боро Петрушевски-Папучар“ од Куманово Бајруш Сејдиу, дејствувале како клан, шверцувале и нелегално произведувале цигари. Во акцијата „Пепел“ полицијата заплени 15 тони цигари. Основниот суд Скопје 1 ја осуди групата на Сејдиу за злоупотреба на службената положба, злосторничко здружување и повреда на Законот за акцизи.

Во акцијата учествувале повеќе од 300 полициски специјалци, кои заплениле над 15 тони цигари и арсенал оружје. Сејдиу е сопственик на Тутунскиот комбинат во Куманово, на фудбалскиот клуб „Милано“ и на уште голем број фирми. Полицијата одзела околу 1.500 пакети полни со разни видови нелегално произведени цигари од марките „Примо“, „Примо лајт“, „Лорд“, „Винстон“, „Вест“, „Респект“, „Партнер“, „Екстра примо“, „Марлборо“ и други. Се претпоставува дека цигарите се произведени во Тутунскиот комбинат „Боро Петрушевски-Папучар“ од Куманово. Таму биле пронајдени 660 килограми цигари што во моментот се произведувале. Операцијата „Пепел“ траела шест месеци, а употребени биле посебни истражни мерки за следење и за тајно снимање на осомничените.

Групата на Сејдиу доби 69 години затворска казна

Судскиот совет ги прогласи за виновни Сејдиу и триесет и двајца соработници уапсени во акцијата „Пепел“  со вкупна казна затвор од 69 години, како и на парични казни за злосторничко здружување, за повреда на Законот за акцизи и за неовластена употреба на туѓа фирма.

Во март 2010 година Основен суд Скопје 1 утврди дека Сејдиу и другите осудени дејствувале како организирана криминална група, која од 2004 година до 2008 година нелегално произведувала цигари во кумановскиот тутунски комбинат и ги продавала без бандероли и платен данок кон државата. Водачот на групата Бајруш Сејдиу е осуден на казна затвор од 5 години и глоба во висина од 25 илјади евра. Неговите најблиски соработници, Ремзи Рамадани и Наим Сефери, се осудени на затворски казни од по 4,5 години. На другите 29 осудени им се изречени казни затвор од десет месеци до три години. Само еден од вкупно 33 -та обвинети е ослободен.

Сејдиу со план произведувал и шверцал цигари

Бајруш Сејдиу со уште двајца негови соработници во 2006 година оформиле група на која се приклучиле уште 30-тина негови роднини и соработници. Откако станал доминантен сопственик на Тутинскиот комбинат „Боро Петрушевски-Папучар од Куманово тој поставил негови луѓе припадници на криминалната група за извршни и неизвршни директори и членови на Управниот одбор на комбинатот. Групата со договор почнале со нелегално производство на цигари без да поседуваат дозвола, ставале на кутиите со цигари туѓи заштитени жигови, кутиите со цигари биле со преправени – копирани бандероли од бандеролите кои ги добиле во законска постапка од Управата, но на кутиите биле лепени странски бандероли, без да се внимава на видот на тутунот и квалитетот, на заштитената марка.Со истрагата за тобако империјата биле разоткриени неговите помагатели, дистрибутери, полициски службеници а во текот на истрагата се шпекулираше дека има инволвирано и функционери. Полициско-судската истрага утврдила дека тобако босот ја развил империјата и во соседните земји. Во соработка со Управата за јавни приходи беа откриени и нерегуларности со сметките на фирмите на Бајруш но и злоупотребите на челници, поранешни вработени во управата со чија помош повремено сметките биле деблокирани. Со злоупотребите на службеници од Управата за јавни приходи биле вршени трансакции на милионски суми на фирмата „Шала Комерц“ од Пеќ. Управата за јавни приходи ги контролирала и дистрибутерите, документацијата и бандеролите на цигарите за да се утврди колку од цигарите се нашле на пазарот. А за цигарите да стасаат до пазарот, за производството во тутунскиот комбинат Куманово се грижеле 20 лица кои работеле главно во неделите, а потоа отпадокот го фрлале на депонија. За дистрибуција биле користени дваесетина возила камиони и автомобили, а транспортот бил добро организиран и обезбедуван. 

По првостепената одлука Бајруш Сејдиу понуди гаранција од 1.400.000 евра за притворот да му се замени со куќен притвор. Со одлука на Апелациониот  суд гаранцијата беше прифатена и Сејдиу требаше да замине дома, но врвот на правосудството го задржа Сејдиу во притвор.

 „Пепел“ пред Апелација, Врховниот суд и Јавното обвинителство преку правни лекови го задржаа Сејдиу во ќелија

Откако екс претседателот на скопска апелација Јордан Митриновски реши да го пушти Бајруш Сејдиу во куќен притвор со милионска сума за кауција, претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски поднесе предлог до Судски совет за разрешување на судијата Митриновски поради нестручност во работењето во предметот на Бајруш Сејдиу. Јавното обвинителство  исто така употреби правен лек, поднесе барање за заштита на законитоста до Врховниот суд. Судскиот совет едногласно го разреши Митриновски, а Апелациониот суд ја потврди казната од 69 години затвор за кланот на Сејдиу.