/Прочитано:

1.038

Пресуда за случајот „Тенк“

Поранешниот помошник министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски денеска во Кривичниот суд Скопје беше осуден на шест години и шест месеци затвор во предметот „Тенк“ на СЈО, а во врска со набавката на луксузниот мерцедес за 600 илјади евра. Второобвинетиот, поранешен премиер Никола Груевски како поттикнувач за сторување на делото е осуден на две години затвор.

Поповски е осуден за злоупотребата на службената положба, додека Груевски за стекнување лична корист и потикнување за извршување кривично дело.

Според пресудата, Никола Груевски извршил влијание врз другите двајца обвинети на начин што од Гордана Јанкулоска побарал МВР да купи патничко возило „мерцедес“, а Јанкулоска, пак, го поттикнала Ѓоко Поповски при купување на возилото да го фаворизира економскиот оператор „Мак Ауто Стар“ ДООЕЛ Скопје.

„Секој носител на јавна функција треба да знае за принципот на отчетност, а граѓаните мора да знаат како се трошат нивните пари. Никој не смее да ги омаловажува граѓаните на начин на кој тоа го сторил Груевски“, истакна судијата Добрила Кацарска, според која обвинението не било за потребата од набавка на возилото, туку начинот на кој мерцедесот бил набавен.

Експремиерот Груевски денеска не дојде на изрекување на пресудата за случајот „Тенк“, туку беше застапуван од своите бранители Сања Алексиќ, Димитар Дангов и Боро Тасевски. Одбраната на Груевски најавува жалба за пресудата.

За третообвинетата Гордана Јанкулоска, пред еден месец постапката беше издвоена и за неа рочиштето е закажано за 28 јуни. Инаку, вчера поранешниот помошник министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски беше осуден на девет години затвор за злоупотреба на службената положба во предметот на СЈО „Триста“, за набавка на 300 возила за МВР.