/ Прочитано:

1.387

Судиите и новинарите на работилница за унапредување на судско-медиумските односи

Здружението на судиите на Република Македонија, во соработка со Амбасадата на САД во Република Македонија, во рамките на проектот „Зајакнување на улогата и независноста на судиите во РМ – Подобрување на капацитетите на судството“, ја започна шестата јавна работилница за транспарентност на правдата како патоказ за унапредување на судско-медиумските односи за судии и новинари.

Целта на работилницата насловена како „Известување за правдата: патоказ за унапредување на судско-медиумските односи за судии и новинари“ е насочена кон потребата да се воспостави дијалог помеѓу медиумите и правните институции и да се зголеми транспарентноста на правниот систем.

„Форумот е развиен по две идентификувани потреби: за новинарите подобро да се запознаат со судскиот процес и како правилно да побараат и да добијат информации од јавен карактер кои се однесуваат на судските постапки, од една страна, како и за портпароли на судови и претставниците на правосудните институции да ја зајакнат нивната комуникација со медиумите и да обезбедат точни, навремени и јавно релевантни информации, од друга страна“, истакна Ане Шварц, директор за комуникации и односи со јавност на Министерството за правда на Висконсин.

Поради потребата за поширок опфат на засегнатите страни, работилницата вклучува и претставници од сите судови во Република Македонија, новинари, како и портпаролите на судовите и правосудните институции.

„Публицитетот на судските постапки значи одржување на рамнотежата помеѓу правото на јавноста да знае и почитувањето на приватноста и пресумпцијата на невиност на оние што се вклучени во процесот. Оваа рамнотежа помеѓу колективните и индивидуалните права ги дефинира сите интеракции помеѓу судството и медиумите“, истакна судијата Џемали Саити, претседател на Здружението на судиите на РМ.

Покрај прашањето за известувањето за правдата, на работилницата ќе се говори и за прашањата за унапредување на судската транспарентност преку балансирање на правото за приватност и интересот на јавноста, градењето доверба помеѓу новинари и портпароли со поттикнување на редовна соработка и транспарентноста на судскиот систем низ заемна одговорност.

М.В