/ Прочитано:

1.946

Судиите на советување за факторинг

Денеска Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка и со финансиска поддршка на Проектот на УСАИД за факторинг, организираше советување и работилница на тема „Факторинг според законската рамка“.

На денешната работилница учествуваа судии, јавни обвинители и претставници од сите релевантни институции. Проектот на УСАИД за факторинг има цел да ја подобри имплементацијата на факторингот и да го подобри законското и регулаторно опкружување, што им овозможува на малите и средните претпријатија да работат со ефикасност, транспарентност и со поголем пристап до алтернативни финансиски решенија.

Со поздравни обраќања денешната работилница ја отворија Анета Арнаудовска, директорка на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и  Ловре Ристевски, директор на Проектот на УСАИД за факторинг. Излагање на темата на работилницата имаше Борис Абрамовиќ, експерт за факторинг од Република Хрватска.

Во основа, факторингот претставува финансиска улога и договорна правна работа  при преземање на недостасани побарувања. Со договорот за факторинг едната договорна страна се обврзува на другата договорна страна да ѝ пренесе еден дел или сите свои побарувања кои ги има спрема трети лица. Втората, пак, договорна страна се обврзува ваквите побарувања да ги наплати.

Според Законот за финансиски друштва, „факторинг” е финансиска активност во која, врз основа на договор склучен во писмена форма, финансиското друштво (фактор) ги купува недостасаните побарувања на друго домашно или странско правно лице (доверител), со или без право на регрес.

Во Република Хрватска има посебен Закон за факторинг во кој се пропишува дека покрај одредбите од Законот за факторинг, се применуваат и одредбите од законите со кои се уредуваат облигационите односи.

Експертите посочуваат дека покрај правните аспекти на факторингот, важни се и неговите економски аспекти, бидејќи како финансиско решение овозможува раст на малите и средните претпријатија.  Факторингот помага во подобрувањето на готовинскиот тек на компаниите, обезбедува свеж обртен капитал во моментот кога им е најпотребен, го поддржува нивниот раст и развојот.

M.В