/ Прочитано:

3.615

Судијата Санде Зиков охрабрува: Повредата на работните односи секогаш ја доживува правдата

Во судница далеку поразлична од судниците кадешто се суди за организиран криминал, судијата Санде Зиков од Основен суд Скопје 2 ги отвори вратите за Академик. Од она што судијата Зиков го работи веќе со години, а тоа се спорови од областа на работните односи, вели  дека Законот за работни односи ги содржи сите права и обрвски и за работадавачите, но и за работниците. Според него нема проблем во законските рамки, но непознавањето на правата и на едните и на другите придонесува да се полнат судските архиви.

Во мала, но пријатна судница од која има одличен поглед на раскрсницата кај ТЦ „Мавровка“ и комплексот на државните факултети, судијата Зиков секојдневно се соочува со прекршени права на работници, но и со изманипулирани сопственици.

Кој би сакал да изгуби добар работник?

Популарно кажаното „Газдите делат откази од ракав“ е често присутна слика во Македонија, но искуството на судијата говори за сосема друга слика кога странките се веќе седнати во неговата судница.

„Скоро секогаш има причина за отказ, сум имал случаи кога работникот доаѓа на работа во алкохолизирана состојба или внесува алкохол на работно место, а потоа тужи затоа што добил отказ. Кој би сакал да изгуби добар работник? Но, чести се и случаите кога се дели отказ поради боледување на работниците. Овие спорови и тоа како не поминуваат бидејќи сопствениците налутени мислат дека преку ноќ можат некого да го избркаат со неоснован отказ. Со незапазени постапки, се разбира исходот е во полза на работникот“.

Недовербата во судовите е неоснована, сопствениците не секогаш го добиваат спорот

Очи во очи со судија кој суди спорови од областа на работните односи не може да не ги искоментираме гласините дека секогаш сопственикот го добива спорот и дека постои недоверба на народот во судските установи.

„Не е така, има доста случаи каде што работодавачите ги губат споровите, ако сопственикот е зафатен со рецесија, во случај кога една машина заменува 10 работници, нормално дека нема да може да ги задржи работниците на работа, тогаш законот е на негова страна. Доколку тој има намера да го избрка работникот бидејќи едноставно не му се допаѓа, тоа сигурно во судска постапка нема да помине. Така беше и со стариот закон, но сега со новиот Закон за работни односи шансите тоа да  помине неказнето се уште помали“.

Мобингот постои, но тешко се докажува

Со работните односи тесно поврзан е и терминот „мобинг“. Судијата Зиков се согласува дека има мобинг на терен, големиот број поднесени тужби во изминативе години е показател дека постојат мобингувани работници. Но, за жал во Основниот суд Скопје 2 сите тужби се одбиени бидејќи за судски спор освен сведоци потребни се и цврсти докази за да започне судската постапка.

„Тоа се многу тешки спорови, вознемирувњето е широк поим. Дали задавањето дополнителна работна задача е мобинг? На терен сигурно има, гледаме и од поднесените тужби но, за да бидат усвоени треба да се испочитува процедурата. Имав предмет во кој еден работник на 22 години станува член на Управен одбор, тоа не е мала работа во голема фирма. Се менува власта, со новата гарнитура тој повеќе не е член, но останува на работа. Сега тужи за мобинг, но прераспределба на работно место не значи и дека сте мобингуван. Во текот на постапката се виде дека не е се така црно и бело.  Истиот работник додека бил и член на Управен одбор земал часови по германски на сметка на фирмата и тоа со специјален професор, додека другите вработени ја немале таа привилегија. Често, кога се тужи за мобинг, во таквите случаи се јавуваат лица кои тврдат дека се мобингувани поради смена на работната позиција.

Плиткиот џеб го обесхрабрува народот да си ги бара работничките права

Иако мобингот постои, судијата Зиков вели дека постојат реални шанси мобингот да се докаже додека работникот за време на мобингувањето собира докази. Мејлови, смс пораки, аудио и видео снимки, сето ова може да се смета за доказ и судот може да ги цени во постапката. Но, главниот проблем во овие спорови е плиткиот џеб на работниците кои останале без работа, а сите судски трошоци се на товар на нив самите.

„Жалосно е за вакви спорови каде тужителот е мобингуван или веќе е без работа, а трошоците кои треба да ги покрие не се мали, судските такси, ангажманот на адвокатот. Факт е дека без адвокат не може, мислам дека и адвокатите не се нафаќаат, знаат дека не можат да си ги наплатат услугите, а ќе губат само време, па и тие од тоа живеат. Се гледа, тие што се потковани со пари и се поупорни, тие добиваат на суд, добиваат оштета и се враќаат на работа“.

Провокативно облечени девојки со цел да го инспирираат директорот

Судијата не се согласува дека само работодавачите се оние што вршат мобинг, а работниците се само жртви.

„Општо познато е дека постојат случаи кога девојки конкурираат на работно место провокативно облечени за да го инспирираат директорот, па дури ќе направат се што треба за да го добијат местото. Потоа, се жалат дека некој сексуално ги вознемирува. Но, се разбира и дека постојат ситуации кога без никаква провокација работникот преживува сексуално вознемирување. Во таков случај треба да сними ситуација со камера, да поседува докази дека тоа навистина се случило и ако е така и постојат доказите, тогаш во судска постапка без проблем би се докажало сексуалното вознемирување“.

Грешки на сопствениците

„Многу често сопствениците прават две грешки. Делат откази со отказен и без отказен рок. Но, и во двата случаи мора да постои дисциплинска постапка. За жал, понекогаш тие се опкружени со правници кои не ја знаат постапката, па потоа тие пропусти се во полза на работниците кои добиле отказ. Но, има и работодавачи кои и самите го владеат законот, па не си дозволуваат вакви пропусти“, вели судијата Зиков.

Секој судија со по 35 предмети месечно

Наспроти гласините дека и покрај судските реформи, споровите за работни односи одат во недоглед, судијата Зиков вели дека само 6 судии во Одделот за работни спорови се справуваат со стотици предмети годишно. Како што вели, до 2008 година ги расчистувале старите натрупани премети, но минатата година судот се преплавил со тужби за работни односи. Во неговата судница судијата Зиков месечно во 35 случаи разгледува дали има повреда на Законот за работни односи. Неговото искуство говори дека не секогаш работникот е жртва, а работодавачот диктатор. Сепак, судијата охрабрува, секоја повреда ќе ја доживее правдата доколку странката е истрајна, има докази и се разбира може да ги сноси сите потребни трошоци.


Разговараше: Паула Божиновски

Објавено: 12.10.2012