/ Прочитано:

1.495

Судот направи спојување на постапките за случаите „Дива Населба“ и „Молња“. Единствениот процес ќе почне од почеток

„Судот донесе решение на 4.5.2016 година со кое се врши спојување на постапките. Од тоа произлегува дека има 37 обвинети, 15 адвокати, голем број на лица кои го обезбедуваат спроводот на обвинетите од казнено-поправните установи, новинари заинтересирани да ги следат рочиштата, како и голем број на припадници на МВР кои безбедносно го обезбедуваат просторот околу судските згради, поради што Судот дополнително ќе се произнесе каде ќе се одржуваат рочиштата за новиот предмет“, рече судијката Петковска.

Дива населба, прво рочиште

Обвинителниот акт за обвинетите за логистика на кумановската група од Дива Населба е оценет позитивно и предметот „Молња“, во кој обвинети се осум лица, ќе се спои со предметот „Дива Населба“.

Ова денеска го соопшти судијката Верка Петковска која го води процесот за случувањата во Кумановско од 9 и 10 мај минатата година.

Судијката во присуство само на адвокатите на обвинетите од „Дива Населба“, кои денеска не беа спроведени во Судот, истакна дека денешното рочиште за предметот се одложува поради спојувањето на постапката, но и поради неможноста на Судот да обезбеди просторни услови за новиот единствен процес.

„Судот донесе решение на 4.5.2016 година со кое се врши спојување на постапките. Од тоа произлегува дека има 37 обвинети, 15 адвокати, голем број на лица кои го обезбедуваат спроводот на обвинетите од казнено-поправните установи, новинари заинтересирани да ги следат рочиштата, како и голем број на припадници на МВР кои безбедносно го обезбедуваат просторот околу судските згради, поради што Судот дополнително ќе се произнесе каде ќе се одржуваат рочиштата за новиот предмет“, рече судијката Петковска. Како што најави судијката Петковска, единствениот процес ќе започне од почеток, со читање на обвинителниот акт и со произнесување на обвинетите за вина.

На спојувањето на постапката реагираше адвокатот Шазивар Исеини, според кого, со спојувањето на процесите се нарушува економичноста во водењето на постапката.

„Економичност на постапката подразбира брзо, ефикасно судење, завршено со што помалку трошоци. А овде веќе се направени толку трошоци со доведувањето на обвинетите на изминатите рочишта, а сега треба да почне се од почеток и овие трошоци одат во вода“, вели Исеини.

Судење „Дива Населба“, прво рочиште

Според него, предметите исто така не се спојливи бидејќи не се однесуваат на истите дејствија, едните се обвинети за тероризам, а другите за поттикнување.

Следното рочиште е закажано за 19 мај, но извесно е дека тоа нема да може да се одржува ниту во големата сала на Врховниот суд.

Претседателката на Судот, Лидија Неделкова, во допис упатен до Кривичниот суд, информираше дека големата сала има свечен карактер и дополнително сугерираше судењето за кумановските случувања да биде преселено на друга локација бидејќи за време на неговото одвивање настанува целосна блокада на нормалното функционирање на работата во сите судови кои се наоѓаат во комплексот судски згради.

Од Кривичниот суд велат дека во изминатиот период имале серија преписки со Врховниот суд и со Министерството за правда поради просторното и техничкото ограничување за водењето на овој предмет. Покрај дописот од Врховниот суд, според дописот што го добиле од Министерството за правда, биле известени дека и Министерството за внатрешни работи побарало од Министерството за правда да биде обезбедена големата сала на Врховниот суд.

До следното рочиште, Кривичниот суд уште еднаш ќе се обрати до Министерството за правда за да побара обезбедување на услови за водење на предметот.

Во предметот „Дива Населба“ обвинети се 29 лица кои се товарат за сторени кривични дела терористичко организирање од членот 394 – а и тероризам од членот 394 -б од Кривичниот законик. Судењето започна на 9 февруари, а на досегашните рочишта обвинетите се произнесоа дека не се чувствуваат виновни за делата што им се ставаат на товар и беа сослушани бројни сведоци на Обвинителството: роднини и соседи на обвинетите и полициски службеници учесници во дводневните вооружени престрелки.

Во предметот „Молња“, пак, обвинети се 8 лица за помагање на вооружената група.

Како што истакна застапникот на обвинението од Обвинителството за организиран криминал и корупција Наум Пановски, организаторите на кумановската група регрутирале лица од локалното население кои ќе им дадат логистичка поддршка.

Марија Севриева

ВРХОВЕН СУД: Нема услови за судењето за „Дива Населба“ во комплексот судски згради

ОЦЕНА НА ОБВИНИТЕЛЕН АКТ: Логистичарите на кумановската група велат дека случајот против нив е монтиран

„Дива Населба“