/ Прочитано:

2.467

Судски процес во Менхетeн за потенцијално опасно куче

Здружението на сопственици на станови на Менхетен ја тужи адвокатката Мишел Келбан Картерон, од адвокатската канцеларија „Летам&Воткинс“ поради тоа што чува куче питбул во станот.

Тужбата против неа од страна на Одборот на менаџери на комплексот апартмани „Челзи модерн кондо“ се заснова врз правилата на живеење во комплексот кои забрануваат чување на потенцијално опасни кучиња, особено питбули во зградата, а тужбата била објавена и во весниците „Њујорк дејли њуз“ и „Њујорк пост“.

Во тужбата се тврди дека на 31 мај годинава, питбулот Луна „истрчал од станот и дивјачки нападнал друго куче“ кое се наоѓало во станот на друг сопственик во зградата. Исто така, на Луна ѝ било овозможено да ја покаже својата агресивност и да скока и лае по други кучиња.

Со тужбата се бара судска забрана за чување на кучето и казна за прекршување на договорот кој го склучила адвокатката кога се вселувала во станот, како и за создавање јавна и приватна непријатност за живеење.

Набргу по наводната случка, Келбан Картерон добила сертификат за Луна со кој се потврдува дека таа е куче што му нуди емоционална поддршка на сопругот на адвокатката, кој неодамна доживеал сообраќајна незгода при возење велосипед.

Сопственичката на кучето и нејзиниот адвокат тврдат дека со тужбата се прави еден вид дискриминација врз кучето само поради тоа што Луна е од расата питбул.

Процесот е во тек, а адвокатот на сопственичката изјавил дека кучето пред инцидентот никогаш не правело проблеми во околината и дека било мирољубиво.

С. М.