/ Прочитано:

1.792

Светски познатиот натпревар по меѓународно хуманитарно право „Жан Пикте“ ќе се одржи во Охрид

Триесеттото издание на светски познатиот натпревар по меѓународно хуманитарно право „Жан Пикте“ ќе се одржи во Охрид. Натпреварот трае една недела и на него ќе учествуваат 144 студенти од 26 различни земји.

Жан Пикте, чие име го носи познатиот меѓународен натпревар, е познат европски правник кој живеел и работел во Швајцарија и целиот свој работен век го посветил на меѓународното хуманитарно право и активностите на Меѓународниот црвен крст, каде што бил и потпретседател.

Придонесот на Пикте за развојот на меѓународното хуманитарно право е огромен, особено во поглед на подготовката на значајните правни акти од областа на хуманитарното право, нивното применување и заложбите за доследно почитување на принципите на Меѓународниот црвен крст и Црвената полумесечина.

Во таа насока, натпреварот „Жан Пикте“ има за цел правото да излезе од рамките на учебниците и студентите да работат врз конкретни случаи на примена на хуманитарното право, коешто е навистина актуелно, со оглед на големиот број конфликти низ целиот свет.

Од младите правници – учесници на натпреварот, кои ќе бидат поделени во екипи од по тројца учесници, ќе се прогласи најдобриот тим по меѓународно право.

Тимовите што ќе влезат во финалето ќе дебатираат на француски и на англиски јазик, а најдобриот тим ќе биде награден од реномираното жири со кое ќе претседава заменик-претседателот на Меѓународниот кривичен суд, Марк Перен де Бришамбо.

Официјалното отворање на натпреварот ќе биде во присуство на амбасадорот на Франција, амбасадорката на Швајцарија и градоначалникот на Охрид. Триесеттото издание на натпреварот „Жан Пикте“ е поддржано од Амбасадата на Франција, Меѓународната организација на франкофонијата, Меѓународниот комитет на Црвениот крст, Министерство за надворешни работи на Швајцарија и голем број организации.

М.В