/ Прочитано:

1.525

ТИ: Ескалира проблемот со корупцијата – Македонија на најниското место откако постои Индексот на перцепција

Индексот објавен денеска од страна на Транспаренси интернешнал, која годинава ја одбележува својата 25-годишнина, открива некои вознемирувачки информации – и покрај обидите за борба против корупцијата низ целиот свет, повеќето земји се движат премногу бавно во нивните напори.

И покрај тоа што за преземање мерки против корупцијата е потребно време, во последните шест години многу земји сè уште не постигнаа никаков напредок. Уште поалармантно, понатамошната анализа на резултатите од индексите покажува дека земјите со најниска заштита на медиумите и невладините организации (НВО) исто така имаат тенденција да ги имаат најлошите стапки на корупција.

„Проблемот со корупцијата и понатаму ескалира. Република Македонија уште еднаш забележа пад на ранг-листата на Индексот за перцепција на корупцијата, кој денеска го објави Транспаренси интернешнал. Република Македонија со пад од 17 места, денес се наоѓа на најниското 107 место откако постои ИПК.

Резултатот покажува дека продолжува политиката заснована на клиентелизам и интереси, и власта продолжува да ги занемарува сите укажувања за ескалација на проблемот со корупцијата. Системот на заробена држава и понатаму постои и го оневозможува работењето на институциите задолжени за борба против корупцијата, пред сè на Јавното обвинителство и службите за спроведување на законот, а Државната комисија за спречување на корупцијата и понатаму е немоќна да се справи со проблемите на судирот на интереси и контрола на имотната состојба на функционерите. Владата не успеа да го востанови долго најавуваниот принцип на индивидуална одговорност, а одговорните за корупција и натаму се заштитени и недопирливи. На овој начин и понатаму постои систем во кој наспроти правото владеат интереси“, вели д-р Слаѓана Тасева, претседател на Транспаренси интернешнал Македонија.

„Укажуваме дека овој систем мора да се замени со систем во кој ќе владее правото, а институциите ќе бидат професионални и ефикасни и ќе преземат сериозни мерки за справување со корупцијата како проблем од висок приоритет. Решавањето на проблемот со корупцијата треба да им се препушти на компетентни професионалци, а политиката да остане надвор од нивната работа“, додава Тасева.

Таа посочува дека Република Македонија сега го зазема најниското место досега – 107 од вкупно 180 рангирани држави. Сите држави во регионот претенденти за членство во ЕУ имаат подобар резултат.

„Тоа создава недоверба на граѓаните во капацитетите на државата и институциите. Недопирливоста на одговорните за корупција е секојдневје кое треба да се искорени, а синџирот на корумпираност во високите ешалони на сите власти треба да се прекине. Тоа е одговорност на Владата, на Собранието, на вработените во институциите и во судството.

Тоа е одговорност и на граѓаните, кои ги охрабруваме да се спротивстават и да ја оневозможат корупцијата. Во име на иднината на Република Македонија“, истакнува претседателката на Транспаренси интернешнал Македонија.

M.В