/ Прочитано:

1.420

ТОП СОВЕТИ ЗА АДВОКАТИ: Пет неизбежни работи да се направат во 2013

1. Научи да кажеш „не“

Научно е докажано дека човек не може да се смета за возрасен доколку не почне да дава негативни одговори. Точно е дека адвокатите својот леб го заработуваат давајќи услуги што подразбира во начело позитивен пристап кон барањата на клиентите, насмевка и спремност за работа. Но, не секој предлог за соработка е добар и не секој предлог е добар баш за тебе. Помисли, пресметај, свиткај го листот и кажи: „Не, благодарам на довербата!“.

2. Прочисти го списокот на клиенти, заблагодари се на соработката

Толку си се трудел да направиш портфолио, денови и ноќи во борба за правата на твоите клиенти. Време е да се запрашаш: „сите ли се за мојот профил, ги имам ли вистинските клиенти?“, ќе видиш бргу дека барем на неколку од нив ќе треба да им заблагодариш на соработката. Потсети се дали плаќале на време, дали тие го штителе твојот углед како што ти си го штител, дали тие не те озборувале наоколу како што ти не си ги озборувал никаде. Моливот во раце и пречкртај неколку кои не те заслужуваат!

3. Продади услуга барем на еден странец

Често во работата немаме точен увид за она што сме го научиле, направиле или создале во минатото. Средба со странци помага во многу нешта: сигурно ќе го подобриш паричникот оти странците знаат како се плаќа адвокат; сигурно ќе дознаеш како стоиш во споредба со адвокатите од каде доаѓа странецот и најсигурно ќе ти се заблагодари за добро завршената работа!

 4. Пренеси некому знаење

Пријави се доброволно во средно школо или некој од правните факултети да одржиш едно предавање или презентација. Во работењето си стекнал нешто што во теоријата го нема ниту во најдобрите учебници: огромно практично искуство! Одржи презентација што ќе се памети, дај десетици примери, доживеј еден аплауз од млади луѓе спремни за учење.

 5. Оди онлајн

 Уф, инсистираме да одиш онлајн. Едноставно, интернетот е водечки медиум, мора да си присутен таму. Одење онлајн може да значи да пишуваш блог, да направиш интерактивен веб сајт, да се вклучиш во дискусии на форум. Инаку, технологијата ќе те направи она што незнаењето на странски јазик ни го направи пред петнаесет години: неписмен, за жал!