/ Прочитано:

2.628

Традиционалните адвокатски фирми и законските рестрикции за сметководствените фирми на глобалниот правен пазар

Изминатиот период американски медиуми посветија написи во врска со влегувањето на сметководствени компании на американскиот и на глобалниот правен пазар. Сепак, како што пишуваат медиумите, овие компании ќе мора да ги почитуваат законските рестрикции во врска со вршењето на адвокатската дејност и правилата според кои се раководат традиционалните адвокатски фирми и правни компании. Во врска со оваа тенденција на  глобално ниво и поконкретно во САД, адвокатот Петро Јанура вели дека постои разлика на уредувањето на ова прашање во различни држави во САД.

Во повеќето американски јурисдикции, образложува адвокатот, забрането е субјекти кои не се адвокати да бидат сопственици на правни фирми или да управуваат со нив. Исто така, додава адвокатот, треба да се има предвид дека е забрането и наплатата за адвокатски услуги да се дели со субјекти кои не се адвокати.

„Влегувањето на овие компании постои како глобално прашање, но тука мора да се нагласи дека клучен момент е уредувањето на домашното законодавство, особено од аспект на уредувањето на адвокатурата и нејзината улога во организираното општество. На пример, ситуацијата околу најавувањето на некои сметководствени гиганти дека ќе отворат правна фирма во САД нема законска основа да се случи во Македонија. Во согласност со нашиот Закон за адвокатура, адвокатската дејност ја вршат адвокати кои положиле заклетва и се запишале во Именикот на Адвокатската комора на Република Македонија“, вели Јанура.

Адвокатот, додава Јанура, може да вработува други адвокати, адвокатски стручни соработници, адвокатски приправници и работници за вршење административни и помошни работи на начин и под услови определени со закон, додека пак двајца или повеќе адвокати можат да основаат адвокатско друштво.

„Во согласност со нашиот Закон за адвокатура, не постои можност сметководствена фирма да биде основач на адвокатско друштво или да вработува адвокати и да дава адвокатски услуги на клиенти.  Исто така, во согласност со нашиот Кривичен законик, давањето на стручна и правна помош на граѓани и правни лица без регистрирана дејност, за надомест, а од лице кое не е адвокат претставува кривично дело надриписарство, за што е предвидена парична или затворска казна“, образложува адвокатот Петро Јанура.

M.В