/ Прочитано:

2.151

Транспарентноста во однос на изборот, унапредувањето и разрешувањето на судии е суштински критериум за обезбедување на квалитетно судство

Институтот за човекови права денеска одржа јавен настан за транспарентноста и отчетноста при избор и разрешување на судии, воедно промовирајќи го вториот квартален извештај за работата на Судскиот совет и Советот за утврдување на факти за периодот февруари - април 2017 година.

Настанот е дел од проектот „Зголемен јавен надзор врз работата на Судскиот совет на РМ“, финансиски поддржан од Британската амбасада во Скопје, кој има за цел да ја запознае пошироката јавност со работата на Судскиот совет на РМ и да ги зголеми отчетноста и транспарентноста на Судскиот совет на РМ, врз основа на аргументи и преку информирање на јавноста.

Вториот мониторинг-извештај, истакна судијката Маргарита Цаца Николовска од Институтот за човекови права, го опфаќа периодот од февруари до април 2017 година. Мониторинг извештајот за транспарентноста, отчетноста и ефективноста на Судскиот совет на РМ и на Советот за утврдување факти и покренување постапка за утврдување одговорност на судија е подготвен врз основа на мониторинг-матрицата со утврдени индикатори.

Правото на граѓанинот, се нагласува во извештајот, да му суди независен и непристрасен судија претставува основен постулат на судската власт. Независноста и непристрасноста се вредности на судската власт гарантирани со Уставот на РМ, со законите и со ратификуваните меѓународни документи.

„Транспарентноста во однос на изборот, унапредувањето и разрешувањето на судии е суштински критериум за обезбедување на квалитетно судство и обезбедување доверба на граѓаните во судството“, беше истакнато на денешниот настан.

Судскиот совет на РМ е формиран како самостоен и независен орган на судството кој е од особена важност за обезбедувањето и гарантирањето на самостојноста и независноста на судската власт преку остварување на своите функции.

Во правосудниот систем на РМ, од 2015 година, покрај Судскиот совет, беше посочено на денешниот настан, постои и Совет за утврдување на факти и покренување постапка за утврдување на одговорност за судија (во натамошниот текст: Совет за факти) кај кој граѓаните можат да поднесат претставка за неправилности во работата на судиите, на претседателите на судовите или за прекумерно одолжување на судските постапки.

Во однос на работата и транспарентноста на Судскиот совет и Советот за факти, на јавниот настан подетално се осврна Кристина Дода од Институтот за човекови права, која го презентираше вториот мониторинг извештај во кој се елаборираат прашања за обезбедената отчетност на двата совета кон пошироката јавност, но и кон Собранието на Република Македонија.

Поранешната веб-страница на Судскиот совет, се посочува во вториот мониторинг извештај,  престана да постои, информациите се објавуваат на новата интернет страница која е новата интегрирана веб-платформа на сите судови и Судскиот совет на РМ.

Од гледна точка на транспарентноста на Судскиот совет, се посочува во извештајот, иако сите седници биле јавни, јавноста сведочеше за гласање без можност да се информира за суштината на одлуките за кои се гласало. Па така, истакнуваат од Институтот за човекови права, не се слушнаа аргументи за и против изборот на претседатели на судови, ниту се измени Деловникот на Судскиот совет.

Според податоците од Извештајот, Судскиот совет во периодот февруари – април 2017 одржал 8 седници, избрал претседател на Врховен суд, вршител на должноста претседател на Основен суд Скопје 1. Судскиот совет избрал 85 поротници, донел измени и дополнувања на Деловникот за работа на Судскиот совет на РМ, но не го објавил годишниот извештај за својата работа за 2016 година и не го доставил до Собранието на РМ.

Советот за утврдување на факти сè уште нема своја веб-страница, ниту е дел од заедничката веб-платформа од причина што Судскиот буџетски совет не спровел соодветна набавка за тоа.

„Иако според Законот седниците на Советот за факти се отворени за јавноста, јавноста може да биде исклучена само со одлука на Советот, заради заштита на угледот и интегритетот на судијата или на кандидатот за судија. Сепак, во практиката седниците се тајни, бидејќи и според Деловникот за работа постапката за поведување одговорност на судија не е јавна“, велат од Институтот за човекови права.

Според податоците, до Советот за утврдување на факти, во периодот од февруари – април, поднесени се 132 претставки од страна на граѓани и правни лица. Советот одржал 23 седници на кои се расправало за овие претставки. До Советот било доставено и едно барање за поведување одговорност на судија, а имало и активност по допрен глас.

На денешниот јавен настан говореа и Ранко Маријан, поранешен член и претседател на Судскиот совет на Република Хрватска, кој се осврна на прашањето за начинот на избор на судии и дисциплински постапки во Хрватска, Сашо Поцевски, претседател на Советот за утврдување на факти, кој говореше за значењето на Советот за утврдување на факти и Влатко Самарџиски, член на Судскиот совет на РМ, кој се осврна на предизвиците и можностите за транспарентноста на Судскиот совет.

М.В