/ Прочитано:

3.043

Трета од третиот циклус студентски обуки – практични вежби од кривичното право

Во најсовремениот едукативен и тренинг центар на Академик, вчера се одржа третата од третиот циклус студентски обуки посветени на прашања од кривичното право.

На третата практична обука за студенти и млади правници се говореше за главната расправа и во таа насока се дискутираа прашањата поврзани со воведниот говор на јавниот обвинител и одбраната. На обуката беа реализирани и практични вежби и симулација на главната расправа.

Говорејќи за начелото на јавност на главната расправа, судијата Огнен Ставрев, кој е предавач на практичните обуки за кривично право, истакна дека според Законот за кривичната постапка главната расправа е јавна и на неа може да присуствуваат само полнолетни лица. Со неа раководи претседателот на советот кој е должен да се грижи за сестрано претресување на предметот и за отстранување на сето она што ја одолжува постапката, а не служи за разјаснување на работите.

Судијата Ставрев на обуката детално ги образложи сите процедурални аспекти на главната расправа, а особено прашањата кои се однесуваат на постапувањето и однесувањето на страните во кривичната постапка.Главната расправа, истакна судијата, започнува со одржување на воведни говори. Прво зборува тужителот, а потоа бранителот и обвинетиот, меѓутоа обвинителот има право да не одржи воведен говор. Исто така, додаде судијата, претседателот на советот ќе го поучи обвинетиот за правото да молчи.

Прашањата за кои говореше судијата Ставрев предизвикаа голем интерес кај студентите по право и младите правници, бидејќи, како што велат, на главната расправа доаѓа до израз подготвеноста на одбраната и на обвинителството за конкретен предмет. Тоа, истакнуваат студентите, е многу важно од практично правен аспект, особено ако се слушне од судија со долгогодишно работно искуство во правосудството и во кривичноправната материја.

„Прашањето за главната расправа е едно од поинтересните и позначајните прашања за нас како идни правници, адвокати, судии или обвинители. Судијата на мошне практичен начин го образложи текот на главната расправа, обврските на судијата, но и на страните во кривичната постапка. Исто така, судијата убаво ја образложи темата за воведниот говор на обвинителот и одбраната преку кој може да се видат и правното резонирање и вербалното аргументирање на овие страни во постапката. Во врска со воведниот говор, судијата посочи дека во своите говори странките имаат намера да ги докажуваат, да ги изложат доказите што ќе ги изведуваат и да ги определат правните прашања по кои ќе расправаат. Предавањето на судијата беше мошне корисно и интересно како што, впрочем, беа и неговите претходни предавања. Практичните обуки на Академик навистина се одлични“, коментираат студентите.