/ Прочитано:

1.906

Трибина за данокот и за заштитата на правата на даночните обврзници

Со спроведување на рамниот данок нашата држава доби многу бенефиции, особено по реформата во 2007 и во 2008 година. Пред овој период во Македонија постоеше прогресивно оданочување, но, со реформата се покажа дека може да се намалуваат даноците, а истовремено да се зголемуваат даночните приходи. Од друга страна, пак, останатите учесници на трибината оценија дека ефектите од рамниот данок во Република Македонија се невидливи, поради што многу подобро е во земјава да се спроведува прогресивното оданочување.

Даноци

На денешната трибина што ја организираше Центарот за даночна политика, под наслов „Рамен или прогресивен данок и заштита на правата на даночните обврзници“, се постави прашањето дали данокот треба да биде рамен, односно да биде ист за сите граѓани, или пак во Македонија треба да се спроведе прогресивно оданочување, што ќе значи поголем данок за побогатото население, а помала даночна обврска за посиромашното население. Експертите од оваа област имаат спротивставени ставови во врска со тоа каков концепт на даночна политика треба да се спроведе во Македонија.

Професорот Борче Смилевски смета дека со спроведување на рамниот данок нашата држава доби многу бенефиции, особено по реформата во 2007 и во 2008 година. Вели дека пред овој период во Македонија постоеше прогресивно оданочување, но, како што вели, со реформата се покажа дека може да се намалуваат даноците, а истовремено да се зголемуваат даночните приходи.

„Сакам да потенцирам дека даночната политика не се однесува само на даночните стапки, даночниот систем е доста комплексен, составен е од многу компоненти и треба да се земат предвид сите компоненти. Од друга страна, пак, прогресивното оданочување претпоставува поголема правичност и фер оданочување, што би требало да донесе поголеми даночни приходи, но би требало да се разгледа со кои мерки да се воведе во даночниот систем“, истакна Смилевски на денешната трибина.

Од друга страна, пак, останатите учесници на трибината оценија дека ефектите од рамниот данок во Република Македонија се невидливи, поради што многу подобро е во земјава да се спроведува прогресивното оданочување.

 „Потребно е Македонија да ги преземе позитивните искуства од Хрватска и од Словенија и повторно да го воведе прогресивното оданочување бидејќи рамниот  данок немаше некои посебни ефекти, пред сѐ, во сузбивање на сивата економија и во делот на спречувањето на даночната евазија. Кога е во прашање пензискиот систем, проблем е само дефицитот во првиот столб, додека вториот е преполн, Не треба да се бара решение преку зголемување на стапката на придонесот или подигнување на старосната граница затоа што дефицитот ќе почне да се санира релативно брзо, а не до 2030 година, како што вели ММФ“, беше истакнато на денешната трибина.