/ Прочитано:

2.020

ТРКАЛЕЗНА МАСА: „Судска заштита против неправилности при извршувањето“

„Судска заштита против неправилностите при извршувањето“ беше темата на тркалезната маса што се одржа на 13 март во Штип, во организација на  Комората на извршители на Република Македонија (КИРМ) во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители. На настанот учествуваа извршители, судии и претседателите на судови.

Претседателот на Комората на извршители, Зоран Петрески, истакна  дека станува збор за тема што е мошне значајна за граѓаните, но и за извршителите и за претседателите на судовите  кои постапуваат по приговорите во текот на извршувањето истовремено и по жалбите до Апелација.

„Можеби ова е и една од најважните обуки којашто ќе ја спроведува Комората на извршители заедно со Академијата за судии и јавни обвинители во текот на оваа година на територија на сите апелациони подрачја. Целта е да се разгледаат сите детали и да се усогласат преку конкретни примери“, вели Петрески.

Поранешниот министер за правда, Михајло Маневски, како еден од говорниците на тркалезната маса прецизираше дека во текот на 2014 година на апелационото подрачје Штип се реализирани 10.742 извршни предмети, а до судовите се поднесени 902 приговори .

„Тоа е некаде околу 8,9 % од вкупниот број извршени предмети. Би рекол дека не е тоа некој значаен број, меѓутоа ако се следи колкав е процентот на уважените приговори – делумно или целосно,  некаде околу 30 до 35 отсто, би рекол дека на одреден начин укажува на судската контрола, која е во заштита на доверителите, во заштита на должниците, во заштита на сите лица, законот да биде применет правилно“, вели Маневски.

Според Маневски, осум години не е голем,  но  е доволен период за да се согледаат позитивните работи, но и одредени недоследности во регулативата на извршувањето, кои, меѓу другото, ги генерираат и овие приговори. Според него, со новиот Закон за извршување, што, пак, веќе подолг период е закочен во интуцитуционалните лавиринти, ќе се оствари поефикасна заштита на правата на странките од неправилности во постапката за извршување.

До Штипскиот суд 348 приговори

Статистиката, која беше презентирана на тркалезната маса, покажува дека конкрентно во Основниот суд во Штип во 2014 година се примени вкупно 348 предмети по приговори поднесени против неправилности во постапката за извршување. Податоците покажуваат дека 44,67 % од приговорите се одбиени како неосновани, а 40,60 % се уважени.

„Најчесто странките, од разговорите што ги имам јас со нив, мислат дека ќе поднесат приговор и извршувањето ќе запре, меѓутоа тоа не се случува. Често со приговорите бараат и одлагање на извршувањето итн.“, вели претседателот на Основниот суд Штип, Емил Пилатов.

За претседателот на Штипскиот суд, Емил Пилатов, овие дебати се од голема важност и за судиите и за извршителите, а со крајна цел унапредување на правосудството и заштита на правата на странките во постапките.

Имаме можност пред сè да ги слушнеме проблемите со кои се соочуваат извршителите во практика, кои многу често произлегуваат од регулативата. Во делот на предметите можеме да слушнеме за судската практика на другите судови, а можеме да слушнеме и за судската практика на Апелациониот суд каде што се одлучува во втор степен по поднесените жалби на решенијата на претседателите на судивите и затоа сметам дека ваквите работилници се многу корисни и за судиите и за извршителите. И сега имавме поголем број предмети за трошоци на извршител.

Потреба од воедначена судска практика

Учесниците на тркалезната маса резимираа истакнувајќи дека воедначената судска практика  е суштинска за остварување на правната сигурност.

Има законски решенија што побудуваат различни толкувања и затоа има и различна практика. Ние укажавме во кои сегменти од Законот за извршување има различна практика.  Јас имам доставено до Врховниот суд две иницијативи со три прашања за заземање начелни правни мислења за да се усогласи практиката бидејќи неусогласената правна практика создава правна несигурност“, вели вршителот на должноста претседател на Основниот суд Скопје 2, Ѓорѓи Радојков.

На случаи на нееднаквост во примената на Законот за извршување од страна на судовите забележа и претседателот на Апелациониот суд Штип, Стојанче Рибарев.

„Недозволиво е Законот да не се применува еднакво од сите“, потенцираше тој.

Учесници на настанот како чест пример каде што има неусогласеност во поглед на примената  го посочија членот 211од Законот за извршување кој се однесува на извршување врз предмети и права спрема Република Македонија кој вели дека: „не може да се спроведе извршување за наплата на парично побарување доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност“.

Според првиот човек на Основниот суд Скопје 2, Радојков, во случајот од членот 191 неопходно е да постои вештачење за утврдување на тоа што е неопходно за вршењето на дејноста на должникот.

„Од  овој настан можеме да заклучиме дека извршителите, сепак, најдоа начин да ја воедначуваат практиката во рамки на својата работа, преку Стручниот совет, како орган на КИРМ. Во однос на судската практика, неминовен е заклучокот дека тие сè уште не се воедначени во однос на постапувањето по приговори за извршување. Меѓутоа, токму од тие причини Комората ги презема овие активности и ги организира овие четири регионални средби кои на крајот ќе завршат со една заедничка средба на која ќе се види кои се најчестите прашања за коишто се јавуваат овие невоедначености“, потцртува Емилија Павловска, потпретседател на Комората на извршители и извршител од Штип.


Е. П. 

Објавено: 17.03.2015