/ Прочитано:

668

Тужба на ЕК против Полска поради прекршување на начелото за независност на судската власт

Европската комисија денеска поднесе тужба против Полска пред Судот на ЕУ поради прекршување на начелото за независност на судската власт.

Европската комисија, воедно, бара од Судот да издаде привремени мерки против Полска до донесувањето на конечното решение по тужбата со која се бара Варшава да одговара поради усвојувањето на Законот за Врховниот суд.

Според Комисијата, измените на Законот не се во согласност со барањата и препораките на ЕУ.

Со Законот се намалува старосната граница за пензионирање на судиите во Врховниот суд од 70 на 65 години, со што 27 од 72 судии треба да заминат во пензија. Новите одредби за пензионирање во Законот го засегаат и актуелниот претседател на Врховниот суд, кој би требало да замине во пензија пред истекот на неговиот шестгодишен мандат.

Европската комисија бара од Судот на ЕУ да се произнесе по тужбата во најскоро можно време.

Европската комисија смета дека Законот не е во согласност со правилата на ЕУ бидејќи е во спротивност со одредбите за независноста на судската власт, вклучително и за неменливоста на судиите, со што Полска ги прекршува своите обврски од Договорот за Унијата и од Повелбата за фундаменталните права.