/ Прочитано:

2.968

Тужби за поништување одлуки за избор на судии за членови на Судскиот совет поднесени до Управниот суд

Адвокатот Исени Елвир од Тетово и адвокатката Марта Гусар денеска поднесоа две тужби до Управниот суд во врска со изборот на судии за членови на Судскиот совет на РМ во 2013 година. Одлуките за избор на членови на Судскиот совет се донесени од Собранието на РМ во 2013 година.

„Има две категории членови на Судскиот совет. Одлуките се незаконски“

Како што се образложува во тужбите, Собранието на РМ наместо да избере членови на Судскиот совет од редот на универзитетските професори по право, адвокати и други истакнати правници, избрало членови на Судскиот совет од редот на судиите.

Ваквата одлука на Собранието, се истакнува во тужбите, е ништовна бидејќи е во спротивност со Уставот и со Законот за Судскиот совет на Република Македонија. Во тужбите, исто така, се бара донесување на привремена мерка за да се избегнат потешки последици.

„Со цел за појасна елаборација за ништовноста на одлуката, напоменуваме дека Уставот на Република Македонија и Законот за Судскиот совет на Република Македонија се децидни и јасни во тоа дека има две категории членови на Судскиот совет, и јасно ги разграничуваат членовите од редот на судиите и членовите кои Собранието ги избира од редот на универзитетските професори по право, адвокати и други истакнати правници“, се образложува во тужбите.

„Заобиколување“ на законските одредби

Во тужбите понатаму се истакнува дека изборот на судии за членови на Судскиот совет под категоријата „истакнати правници“ е спротивно на законските одредби и служи за нивно „заобиколување“, што е присутно и во конкретниот случај и за што се поднесени тужбите.

Имено, при изборот на членови на Судскиот совет од редот на судиите, во членот 11 ставот 1 алинејата 2 од Законот за Судскиот совет, се образложува понатаму во тужбата,  јасно е определен условот дека тие ќе се избираат само од судиите кои добиле позитивни, односно највисоки оцени во вршењето на судиската функција во изминатите три години.

„На овој начин Собранието ГО ЗАОБИКОЛУВА овој услов и избира членови на Судскиот совет од редот на судиите, при што воопшто како услов не ги третира оцените од вршењето на судиската функција и овозможува судии кои не добиле највисоки оцени да бидат избрани“, се вели во тужбите.

Во спротивност со целите на Законот, со институционалниот дизајн и со меѓународните стандарди

„Подведувањето на судиите под категоријата ‘други истакнати правници’ е целосно СПРОТИВНО НА ЦЕЛТА и духот на законските одредби и воедно спротивно на логиката зад институционалниот дизајн на институцијата Судски совет. Имено, на последново укажуваат и меѓународните стандарди кои недвосмислено посочуваат дека судските совети треба да бидат составени од членови избрани од редот на судиите, по можност да имаат мнозинство во советот, и членови кои нема да бидат од редот на судиите туку ќе бидат правници од други сфери, како на пример универзитетски професори, адвокати, државни, односно административни службеници и слично“, се образложува понатаму во тужбите.

Со изборот на членови од редот судиите, се посочува во тужбите, всушност се овозможува сите членови на Судскиот совет, со исклучок на министерот за правда, да бидат од редот на судиите, што е целосно спротивно не само на меѓународните стандарди туку и спротивно на Уставот на Република Македонија, како највисок акт на државата, како и во спротивност со Законот за Судскиот совет на Република Македонија.

Инаку, во врска со надлежноста на Управниот суд, во тужбите се вели дека во согласност со членот 9 ставот 1, точката 2 од Законот за управните спорови, управен спор не може да се поведе за работи за кои врз основа на уставни овластувања директно одлучуваат Собранието и Претседателот на Република Македонија, освен за одлуки за именување и разрешување, и што е најважно, во согласност со членот 37 ставот 2 од Законот за управните спорови, Управниот суд на РМ на ништовноста на управниот акт внимава по службена должност.

„Реформа на судството во Република Македонија: Промени без реформи?“

За потребата од поништување на одлуките за ваквиот избор на членовите на Судскиот совет од страна на Собранието се говори и во публикацијата „Реформа на судството во Република Македонија: Промени без реформи?“, која беше промовирана на почетокот на оваа година. Автор на публикацијата е д-р Денис Прешова од Правниот факултет „Јустинијан Први“.

„Проблемот со поимот ‘истакнат правник’ секако е нешто што создава тешкотии бидејќи остава преширок простор за ситуации во кои очигледно недоволно квалификувани лица се избирани на вака одговорни функции како што е член на Судскиот совет.  Присутен е проблемот со извитоперување на поимите во пракса, често како резултат на актуелните политички потреби. Во оваа смисла, ова прашање можеше и требаше да се отвори уште во 2007, односно 2013 година кога од страна на Собранието беа избрани членови на Судскиот совет од редот на судиите, пред сè,  од Управниот суд, иако и Уставот на РМ и Законот за Судскиот совет на РМ се многу јасни во тоа дека има две категории членови на Судскиот совет, и јасно ги разграничуваат членовите од редот на судиите и членовите кои Собранието ги избира од редот на универзитетските професори по право, адвокати и други истакнати правници. Поради ова, уште тогаш требаше да се бара поништување на одлуките за избор бидејќи никако не може да се поистоветува поимот ‘истакнат правник’ користен при утврдувањето на условите за избор на членови во два различни контексти, Судскиот совет и Уставниот суд. На овој начин ќе можеше уште претходно институционално да се отвори ова прашање пред управното судство“, образложува д-р  Денис Прешова во публикацијата.

Промовирани трудовите „Реформа на судството во Република Македонија: Промена без реформи?“ и „Уставниот суд изгубен во судските реформи“

М.В