/ Прочитано:

1.948

Убивањето животни мора да подлежи на ригорозни казни

Неодамнешната вест од Хрватска дека убивањето животни без оправдана причина ќе стане кривично дело како и нивното мачење, предизвика бранувања во домашните кругови упатени во проблематиката. Според новите одредби во хрватскиот Кривичен законик, досегашната практика на парично казнување ќе биде заменета со казна-затвор до две години. Препознавајќи ја сериозноста и последиците од проблемот кај нас, за ригорозни измени во македонскиот Кривичен законик се залага Здружението на граѓани „Анима мунди“, од каде бараат убивањето животни да стане кривично дело и во Македонија.

Столе Велковски, активист на „Анима мунди“, објаснува дека насилното однесување кон животните е одамна признаено како индикатор за опасна психопатологија која не се однесува само на животните. Според него, истражувањата ги увериле социолозите, доносителите на закони и судиите во повеќе европски земји дека насилното однесување кон животните заслужува во многу погледи посилно внимание, зашто може да биде прв знак за патолошко насилство со потенцијални човечки жртви. Во таа смисла, злоупотребата на животни, не е само некоја споредна мана во карактерот, туку поверојатно симптом на длабоко ментално растројство.

Случаите сѐ побројни — казните несоодветни

Во Македонија, истакнува Велковски, примерите на екстремно насилство врз животните — одрубување на глава на бездомно кутре, набивање на кол на живо животно, запалување, осакатување, набивање на вили, зоофилија и сл. — станаа секојдневие. Здружението, заедно со сите останати македонски здруженија за заштита на животни, секојдневно истражува, обелоденува и пријавуваат случаи на мачење, злоставување и убивање на животни. Во МВР и во Агенцијата за храна и ветеринарство досега поднеле повеќе од 60 пријави за вакви случаи. Без оглед на тоа што случаите ги сметаат за екстремни и фрапантни, велат дека казните се симболични и несоодветни.

„Најчесто станува збор за незначајни парични казни, а досега не е изречена ниту една казна-затвор. Дотолку повеќе, државните институции постојано го маргинализираат овој проблем, што претставува индиректно охрабрување на насилството, наместо да се борат за негово сузбивање со построга законска регулатива“, посочува Велковски.

Сегашните одредби на македонскиот Кривичен законик превидуваат парична казна или казна-затвор до шест месеци за секој сторител што грубо злоупотребува животно или го изложува на непотребни маки; што му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање. Дополнително може да им се изрече парична казна или казна-затвор на лицата кои со нехранење, непоење или на кој било друг начин изложуваат животно подолго време на тегобна состојба. За „Анима мунди“, ваквиот закон е несоодветен; тој им дозволува на убијците на животни да пројдат неказнети поради дупка во законот. Организацијата постојано посочува на неопходноста од спроведување најстроги казни за сторителите на вакви дела — казна затвор, без можност за условно помилување — како и измена на Кривичниот законик во овој дел, бидејќи тоа е единствениот начин за намалување на бројот случаи на убиени и мачени животни. Во услови кога нема сериозен казнен механизам, сторителите немаат страв од повторување на делото, а тоа, потенцира Велковски, е најчеста практика.

Законските измени под рака со унапредување на граѓанската свест

Повлекувајќи паралела меѓу Хрватска и Македонија, проф. д-р Ѓорги Сламков, експерт по кривично право, објаснува дека промената во санкциите е во најголема мера резултат на зачестеноста на одредени појави во реалноста кои можат да имаат мошне негативен ефект врз општеството. Таков, посочува проф. Сламков, е актуелниот случај со Хрватска, каде последниот период, во неколку населени места имаше повеќе случаи на сакатења и убиства на животни, што предизвика згрозеност кај јавноста. Токму зачестеноста на штетните поведенија ја наметнала потребата од легислативна реакција преку креирање ново кривично дело.

„Во македонските медиуми ретко се споменуваат случаи на убиство или измачување животни, што не треба да значи дека не се случуваат. Имајќи ја предвид сличноста со хрватското општество, не би изненадила појавата на поведенија од наведениот карактер и затоа мислам дека нивното сегашно законско решение со казна-затвор до две години е квалитетно — создава поширок опсег за заштита на животните, бидејќи кај нас сега е инкриминирано само мачењето животни и тоа со прилично блага казна — парична или казна-затвор до шест месеци што вообичаено се претвора во условна казна. Воведувањето вакво дело во овој момент би имало позитивен ефект, првенствено од генерално превентивен аспект, но исто така и преку репресивната страна“, подвлекува проф. Сламков.

Покрај законските одредби, според „Анима мунди“, лавовски удел во подобрувањето на моментната состојба во Македонија има зајакнувањето на свеста на граѓанството. Оттука, истакнува Велковски, неопходно е најпрвин институциите да ја препознаат потребата од стимулирање хуманост кон животните, потребата од сензибилизирање на јавноста во однос на прашањето за правата на животните. Дополнително, од исклучителна важност е воведување задолжителна едукација за хуманост кон животните во образованието, со што младинците би ги уважиле потребите на животните како и на секое живо битие — само на тој начин би можело да се влијае врз оформувањето млади, здрави и сочувствителни лица. Во таа насока, додава Велковски, битно е и здруженијата за заштита на животните да бидат дел од овој процес, зашто имаат компетенции и знаења со кои би дале соодветен придонес во намерата Македонија да стане достоинствено и хумано место за живеење, каде секој живот би се уважувал и почитувал.


Автор: Далибор Стајиќ

Објавено: 10.01.2013