/ Прочитано:

1.577

Учи се од мал, кога ќе остариш, да не ти биде жал: Неколку аманети од минатото за иднината на младиот правник

Правото е спој меѓу нормата, нејзината примена во практиката и справедливите судски пресуди. Колкав е патот од нормата до нејзината примена е прашање што често останува надвор од видокругот на младиот правник. Излезен од факултетските клупи, правничкиот подмладок речиси нема осет за односите во практичниот свет на правото. Кои доблести најмногу доаѓаат до израз во развојот на студентот по право во добар адвокат? Долф Вебер, едно од позвучните германски адвокатски имиња на минатиот век, пред сè, во областа на недвижностите, во свое обраќање кон младите правници ги нижи искуствата, убедувањата и вредностите што оставиле најголема трага низ неговата четириесетгодишна кариера. Ги пренесуваме највпечатливите.

Само веродостојниот адвокат може да постигне завиден успех. Од веродостојноста на адвокатот произлегува неговата способност за убедување – којашто не зависи само од темелноста на правните аргументи, туку и од личниот кредибилитет на адвокатот. Затоа е неопходно секој адвокат навреме да научи како да каже „не“. Ова се однесува на многу ситуации во практиката и почнува далеку пред забраната за преземање случај, во кој треба да се заземе нечесна позиција и да се лаже. Така, веродостојноста се однесува дури и на прозаични работи, како, на пример, да не се дава ветување за одредена работа во даден рок, којшто потоа не може да се испочитува.

Угледот што се градел цели десет години може да се урне само за еден ден. Градењето на адвокатската репутација, во потесниот круг трае околу пет години, а на национално ниво најмалку десет години. Младиот правник секогаш треба да има наум оти она што се чинело достатно во факултетските клупи може да не биде доволно во практиката. Лошо изведениот аргумент, врз којшто се засновува договор, тужба или одбрана, може во еден момент да ја разниша целата правна конструкција.

Секоја судска одлука зависи од правната положба, но во иста мера и од даденото опкружување. Ваквото тврдење не значи дека судиите не си ја вршат добро својата работа, туку укажува дека секој што треба да донесе извесна одлука, секое утро треба искрено да си погледне себеси в очи. Токму ова начело им задава тешкотии на младите правници. Постапките на носење одлуки секогаш имаат одреден простор за маневрирање, со кој добриот адвокат може умешно да управува. Овој чекор почнува со тоа што пред почетокот на судењето или за време на процесот, адвокатот бара прикладно однесување од својот клиент, а продолжува со примена на сопствената сила за убедување пред судот.

Добриот адвокат заработува повеќе од она што го заработува. Секој адвокат што сака добро да заработува не треба да ги изгуби скромноста и умереноста како врвни доблести. Многумина се плашат од помислата да не бидат доведени до питачки стап, но она што никако не смеат да го заборават, всушност, е дека парите треба да се земаат онаму, каде што ги има, а не онаму, каде што не постојат.

Ортаклак не доаѓа предвид – ниту со колеги, ниту со клиенти. Односот со луѓето во опкружувањето може да биде срдечен и пријателски, но никогаш не треба да се дегенерира и да премине во ортаклак. Имено, на секое пријателство му е неопходен минимум етикеција. Истото важи и за односот со клиентите. Подароците, просто, го снижуваат платежниот морал: секој клиент што се поставува во послободен однос со адвокатот има само една цел пред себе: да ги намали трошоците за адвокат.

Не мешајте туѓа чорба. Угледот може да се стекне и да се унапреди единствено доколку адвокатот работи и пренесува знаење на едно или на повеќе сродни стручни полиња. Осамените волци што талкаат од една област во друга брзо ќе ги етикетираат како поединци од недоверба.

Тимски дух наместо самоволно славољубие. На мнозина млади што почнуваат да го откриваат практичниот свет на правото, најголема желба им е да работат како адвокати-поединци. Ова сигурно има свои предности ако некој им придава голема важност на слободата и на индивидуалноста. Сепак, во рамките на потесниот работен круг, индивидуата, како и самото опкружување, можат паралелно да се унапредуваат единствено со негување дух за тимска игра. Ѕвездите на адвокатурата најчесто сјаат нанадвор, но ретко можат да го зголемат својот углед во внатрешноста на фелата, зашто не знаат како да го насочат своето надворешно влијание во полза на партнерите и на соработниците.

Размислувајте со големата слика пред очи. Великодушноста во односот со колегите и со клиентите се исплати во многу погледи, особено ако ѝ се додаде и бестрашноста. Стравот да се работи на извесен случај само поради тоа што бара вложување поголем труд ѝ штети на иднината на адвокатската канцеларија. Можностите што се нудат треба да се прифатат без страв од новини. Најпосле, кога размислувате за иднината на својата адвокатска кариера, не заборавајте што се покажало важно за неа во минатото: интелигенцијата, фантазијата, организираноста и социјалните компетенции.

Подготви: Далибор Стајиќ

Објавено: 17.10.2014