/Прочитано:

155

УГД ја потпиша европската декларација Магна карта университатум

На 18 септември 2018 година, на 800-годишнината на Универзитетот во Саламанка, ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, проф. д-р Блажо Боев, го потпиша документот Магна карта университатум, со што УГД се вброи како еден од потписниците на овој значаен светски документ.

„Со ова УГД влегува во семејството на огромен број реномирани универзитети. Делегацијата од Универзитетот „Гоце Делчев“, составена од ректорот проф. д-р Блажо Боев, проректорите проф. д-р Кирил Барбареев, проф. д-р Дејан Мираковски и проф. д-р Нина Даскаловска, советник за меѓународна соработка, присуствуваше на свеченоста заедно со уште голем број реномирани универзитети од Европа. Ова претставува еден од најзначајните документи што ги има потпишано Универзитетот и воедно мапирање на УГД во семејството на реномираните универзитети богати со традиција. Ова значи отворање на УГД кон европските перспективи и создавање на цврсти и значајни врски со универзитетите, издигнувајќи го штипскиот универзитет на еднакво рамниште со најдобрите универзитети од Европа“, истакнуваат од УГД.

Магна карта университатум е документ којшто првпат е потпишан на 18 септември 1988 година, на 900-годишнината на Универзитетот во Болоња, од страна на 388 ректори и претседатели на универзитети од цела Европа и пошироко.

Документот содржи принципи на академска слобода и институционална автономија како водич кон добро управување и саморазбирање на универзитетите во иднина. Досега е потпишан од страна на 816 универзитети од 86 земји.