/ Прочитано:

4.105

Угостителскиот сектор достави забелешки на предложените измени  на Законот за авторското право и сродните права

Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија повеќе години активно го следи процесот на креирање на законската рамка за уредување на авторското право и сродните права во делот што го дефинира колективното управување, а во насока на дефинирање и на обврските што произлегуваат за угостителските објекти (хотелите и рестораните), во согласност со Правилникот со тарифа за користење авторски музички дела.

„Ова пред сè е поради фактот што, врз основа на Правилникот со тарифа за користење авторски музички дела, угостителите имаат законски обврски за плаќање кон Здружението за заштита на авторски музички права по три тарифи 2, 4 и 5, во согласност со кои нивните трошоци по овој основ се многу големи“, посочи Даниела Михајловска-Василевска од Стопанската комора на Македонија.

Имајќи предвид дека е во тек постапката за давање мислење по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права изработен од Министерството за култура, Здружението на угостителството и туризмот при Комората одржа работен состанок на кој се разговараше по Предлог-законот и достави предлози за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права и предлози по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права. Во таа насока се бара:

Во постојниот Закон за авторското право и сродните права за организираните настани за кои не се остварува приход, односно кои се од хуманитарна природа, да не се наплатува средства ниту кон ЗАМП бидејќи нема економска оправданост ако се организира хуманитарен настан за него да се плаќаат обврските кон колективниот управувач

Да се направи разлика кога угостителскиот објект се јавува како организатор на манифестации од ситуациите кога организацијата на настанот е од трето лице, сè со цел да се дефинира кој подлежи на плаќање на обврската кон ЗАМП.

Во насока на претходното барање е и барањето на угостителите да плаќаат надомест само кога се тие организатори на манифестации. Во секоја друга ситуација угостителските објекти само го отстапуваат просторот и даваат угостителски услуги и немаат никаква допирна точка со користењето на авторските и сродните права.

Во одбрана на ова свое барање, угостителите се повикуваат на членот 55 од Уставот на РМ, став 1, кој вели: „Се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.“ Во став 2 од истиот член е наведено дека „Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.“ Во став 3 од истиот член е наведено дека „Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната  средина или здравјето на луѓето.“

Се бара да нема можност организацијата за колективно управување да остварува средства од камати на вложени средства во банка и други приходи. Сметаме дека вака формулиран член е правно неиздржан и контрадикторен со правниот субјективитет на организацијата за колективно управување со авторски или сродни права во услови кога организациите за колективно управување на авторски и сродни права се всушност непрофитни организации. Ова е од причина што основната цел за која се формира, постои и функционира организацијата е заштита на авторските и сродните права и прибирање и распределба на надоместоците од користењето на тие права во име на нивните носители, а не остварување на приходи по кој и да е основ.

„Во Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права од месец март 2018 година акцентот на нашите барања го ставаме на тоа Комисијата за посредување во авторското право и сродните права да има надлежност да давање мислење по Предлог-тарифата“, посочи Михајловска-Василевска.

Во таа насока, сакаме да укажеме дека членките на Здружението се согласуваат со констатацијата дадена во Предлог-законот дека досегашната имплементација на овој закон покажа оти моделот утврден во постојниот Закон го отежнува функционирањето на системот на колективното управување со наметнување на несоодветни обврски, надлежности и процедури, од една страна, а, од друга страна, отсуствува регулирање на прашања битни за ефикасно и соодветно колективно управување, како и фактот дека во голем дел во примена на колективното управување не се земени предвид и соодветно транспонирани одредбите од ЕУ-директивите со кои се регулира областа на авторското право и сродните права.

Членките на Здружението на угостителството и туризмот ја поздравуваат одлуката со измените на Законот за авторското право и сродните права да се дефинираат критериумите за определување на висината на надоместоците за користење на авторските дела, односно предметите на сродните права, со целосно усогласување со Директивата 2014/26/EC, односно при определување на висината на надоместоците да се поаѓа од економската вредност на користењето на делата.

„Имајќи предвид дека овој закон опфаќа една широка категорија правни лица, припадници на бизнис-заедницата, за кои се предвидени материјални и други законски обврски во однос на користењето на авторските и сродните права, посебно истакнуваме дека нашите коментари и забелешки во однос на предложените законски измени, како и во однос на важечкиот текст на Законот, не се во насока на избегнување на плаќање за користењето на авторските и сродните права, туку со цел за ставање на користењето на овие права, како и правата и обврските кои произлегуваат од нив, во една цврста законска рамка од која нема да произлегуваат штетни последици ниту за носителите на авторски и сродни права, ниту за корисниците на истите.

Истовремено, од големо значење е што во Законот се внесува неопходноста, основите за определување на надоместоците за користење на авторските дела и предметите на сродните права да бидат издржани и прецизни и да кореспондираат со реалните економски состојби во Република Македонија и целосно да се хармонизираат со Директивата 2014/26/EC .

Здружението дава поддршка и на дефинирањето на роковите за распределба на надоместоците, односно приходите од правата, роковите за нивна исплата, за идентификација на неидентификувани носители или дела, односно предмети на сродните права, како и начинот и роковите за користење на нераспределените надоместоци. На јасен и прецизен начин да се уредуваат правилата за прибирање и распределба на надоместоци на организациите кои за тоа ја овластиле соодветната организација за колективно управување“, велат од Здружението.

М.В