/ Прочитано:

1.428

УЈП И МИОА ЗА НОВИТЕ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ: Внесот на податоци за вработените во јавниот сектор – услов за исплата на плати

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, денеска одржаа заедничка прес-конференција на која говореа за новините предвидени во измените во Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за Управата за јавни приходи, Законот за даночната постапка и Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.

Предложените измени во овие закони се однесуваат на Информатичкиот систем за управување со човечките ресурси и можноста Управата за јавни приходи да врши контрола на ажурноста на Регистарот на вработените во јавниот сектор преку контрола на месечните пресметки за интегрирана наплата.

Со направените измени, беше нагласено на денешната прес-конференција, институциите имаат законска обврска да ги внесат податоците за своите вработени во Информатичкиот систем за управување со човечките ресурси како еден од предусловите за исплата на плата.

„МИОА воспоставува и води Регистар на вработените во јавниот сектор. Податоците во Регистарот се од исклучителна важност за следење на состојбите во повеќе од 1.300 институции на јавниот сектор. И по две години од воспоставувањето на овој регистар, за којшто се платени над 2 милиони и 153 илјади евра, тој сè уште не ги дава потребните информации за бројот на вработени во јавната администрација. Тоа е затоа што системот воопшто не бил дизајниран да го дава бројот на вработени. Тоа не се барало. Во времето кога системот е правен, оваа бројка беше државна тајна“, истакна министерот Манчевски.

Во моментов oд 1.303 институции во Македонија, 259 институции немаат внесено податоци. Целосно пополнeт и ажуриран Регистар, рече Манчевски, ќе даде јасна слика за моменталната состојбата со систематизациите, за бројот на слободни места, за старосната структура, за бројот на лица кои се пред пензија и др. За пополнување на слободните места, соодветен кадар што ги исполнува потребните критериуми ќе може да се преземе од трансфер-листата.

Целта, нагласи министерот, не е казнување на институциите, туку конечно да имаме Регистар кој ќе ги содржи сите информации и ќе ја исполни улогата за која е и скапо платен.

МИОА во наредниот период предвидува серија мерки, односно:

Секој вработен ќе има пристап до ИСУЧР и ќе може да провери дали се внесени неговите податоци.

МИОА ќе организира дополнителни обуки за сите институции кои имаат потреба од тоа со цел навремено внесување на податоците.

Ќе побараме реакција од Државниот управен инспекторат за раководителите во институциите каде што не се внесени податоци. На овој начин ќе дејствуваме превентивно со цел да не бидат казнети вработените, туку санкцијата да биде само за раководното лице.

Во наредниот период на веб-страницата на МИОА ќе биде објавена листа на сите институции кои немаат внесено податоци.

МИОА и УЈП ќе формираат тим за координација на спроведувањето на законските измени во 4-те закони.

„Еден од модулите на овој електронски систем е и модулот за пресметка на плати, а во согласност со законските измени, Управата за јавни приходи добива нова надлежност за контрола на корисниците на овој модул за пресметка на плати преку системот за интегрирана наплата, односно контрола на ажурноста на Регистарот на вработените во јавниот сектор преку контрола на месечните пресметки за интегрирана наплата“, рече директорката Лукаревска.

Лукаревска појасни дека проверката ќе се врши автоматски при поднесување на пресметките за плата на јавниот сектор, и во случај кога податоците не се усогласени, системот за плата на УЈП ќе генерира грешка и работодавачот од јавниот сектор ќе треба да изврши ажурирање на податоците во Регистарот. Односно, доколку работодавачот од јавниот сектор не ја исполнил законската обврска за внес на податоците во Регистарот на вработени лица во јавниот сектор, системот за интегрирана наплата (за плата) во декларацијата за прием ќе јави грешка со порака дека обврската не е исполнета.

Измени на повеќе закони со кои УЈП ќе може да врши контрола на пресметките на платите во јавниот сектор

М.В