/ Прочитано:

1.745

УЈП на прес-конференција ги појаснуваше новините за регистрација на граѓаните во системот за годишната даночна пријава

Управата за јавни приходи денеска одржа прес конференција во врска со регистрацијата на физичките лица на системот е-Персонален данок за новиот концепт на годишната даночна пријава.

„Овој концепт е неопходен за да се спроведе успешна реформа, а Управата за јавни приходи ќе ги користи сите канали на комуникација за да не биде никој изземен во тоа и да се стигне до сите обврзници. Потребно е навреме да се почне со овој процес, кој ќе биде неопходен за спроведување на реформата, која предвидува Управата за јавни приходи да ја испраќа пополнетата ГДП до даночниот обврзник на потврда или корекција на податоците, наместо како досега даночниот обврзник да ја доставува ГДП до Управата за јавни приходи“, истакна директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

„Како граѓани и даночни обврзници наша обврска е плаќање персонален данок и поднесување годишна даночна пријава. Она што беше наша интенција е да го олесниме процесот на пополнување на податоците. Без турканици на шалтери, трка по пресметки на фирми, докази и прилози и сите оние сложени процедури поврзани со пополнувањето на пријавата. Регистрацијата и потврдата е потребна за да се испочитува правото на заштита на личните податоци, а истовремено регистрацијата да биде без никаков трошок за граѓанинот“, додаде Лукаревска.

Нашата цел, рече Лукаревска, е да стапиме во непосреден контакт со физичките лица и никој од нив да не биде изземен во спроведувањето на оваа процедура. Затоа и почнавме да ги промовираме новините што треба да се спроведуваат, како што е и моментот со регистрирањето, коешто треба да го направат.

„Ќе имаме и кампања, а ќе бидат на располагање и мобилните даночни шалтери, кои ќе стигнат до секое најоддалечено место. Отворена за соработка ќе биде и даночната администрација, а ќе бидат достапни и две телефонски линии и преку имејл, каде што ќе можат да се обратат граѓаните. УЈП ќе стигне буквално на најоддалеченото место каде што евентуално би се создале проблеми во регистрирањето“, истакна Лукаревска.

Во таа насока, Ивана Дончевска од УЈП појасни дека доколку нема интернет, предвидени се варијанти каде што лицето може да овласти друго лице и за негова сметка да ја потврди или да ја коригира ГДП.

„Не можеме некое лице да го регистрираме автоматски, туку мора да дојде или да имаме овластено лице за да знаеме на кого ги доставуваме податоците“, рече Дончевска.

УЈП поседува информации за лицата кои оствариле приходи и исто така има комуникациски канали преку кои може да дојде до обврзникот, а ќе бидат користени и мобилните даночни шалтери.

Дали граѓанинот остварил само плата, или пензија или друг приход, колкав е приходот и колкав е данокот, секој граѓанин ќе треба да потврди или да ја коригира УЈП. Тоа, беше потенцирано на прес-конференцијата, е суштината на новиот модел на годишната даночна пријава.

На настанот беше појаснето дека законски се предвидени казни доколку некој не се регистрира, но поради тоа што ова е прва година, интенцијата на УЈП не е веднаш да се казни некој, ако не биде регистриран.

„Ќе направиме да дојде тука, на шалтерите, или ние да одиме кај него преку мобилните даночни шалтери и врз основа на тоа да не дозволиме никој да биде изземен, а притоа да биде регистриран во овој систем“, рече Лукаревска.

УЈП ја образложува постапката за регистрација на граѓаните во е-системот во врска со годишната даночна пријава

М.В