/ Прочитано:

957

УЈП: Средба помеѓу првите даночници од Македонија и Косово

Директорот на Даночната администрација на Косово, Сакип Имери, и претставниците на високиот менаџмент ја започнаа дводневната посета на Управата за јавни приходи.

„На средбата од страна на директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, беше истакната досегашната соработка со Даночната администрација на Косово, како и подготвеноста на македонската даночна администрација и во периодот што следува да разменува искуства со колегите од Косово, во сите области од интерес на двете страни. За време на средбата, директорите разменија искуства за предизвиците со кои се соочуваат двете даночни администрации, за специфичноста на даночните обврзници кои ги администрираат, како и за тековните и идни проекти со кои се очекува да ги зајакнат оперативните капацитети и да придонесат за модернизација на даночните управи во двете земји.

Имајќи ги предвид обемот на темите и областите од заеднички интерес и соработка, првите даночници од Македонија и од Косово разговараа и за можноста од потпишување на меморандум за соработка, со кој ќе се овозможи продлабочување на соработката во делот на размена на искуства, трансфер на знаење и најдобри практики, поттикнување на доброволна даночна усогласеност, како и превенција, откривање и борба против даночната евазија во двете земји.

За време на дводневната посета во Управата за јавни приходи, колегите од Даночната администрација на Косово ќе се запознаат со македонското искуство од воведувањето на ГПРС-фискализацијата, како и со правните и практичните аспекти на определени даночни прашања“, се вели во соопштението на УЈП.

М.В