/ Прочитано:

9.187

УЈП за новиот начин на пресметување и плаќање на персоналниот данок и пресметката на плата за 2018 година

Управата за јавни приходи објави соопштенија во врска со новиот начин на пресметување и плаќање на персоналниот данок и пресметката на плата за 2018 година.

ОД 1 ЈАНУАРИ 2018 – НОВ НАЧИН НА ПРЕСМЕТУВАЊЕ И ПЛАЌАЊЕ НА ПЕРСОНАЛНИОТ ДАНОК E-PDD.UJP.GOV.MK

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход („Службен весник на РМ“, бр.190/2017), од 1 јануари 2018 година се воведува нова процедура за пресметување и плаќање на обврските за персонален данок на доход, односно пресметувањето на данокот ќе се врши со поднесување на Електронска пресметка за приход и данок (е-ППД) до Управата за јавни приходи, преку новиот систем е-Персонален данок e-pdd.ujp.gov.mk

Кој има обврска да поднесува Електронска пресметка за приход и данок (е-ППД)?

Исплатувачи на приходи (правни лица и СВД кои водат деловни книги) – кога исплаќаат приходи по сите основи на физички лица – резиденти на Република Македонија и на нерезиденти, освен за исплата на плата на вработени лица.
Физички лица-резиденти кои остваруваат приходи од други физички лица и приходи од странство, освен за приходи од вршење на самостојна дејност.
Физички лица-нерезиденти кои остваруваат приходи од други физички лица во Република Македонија.

Намалување на административнот товар и поедностување на постапките за пријавување и плаќање на персоналниот данок

Со воведувањето на новите кориснички ориентирани услуги за персонален данок, покрај низа придобивки (види повеќеhttp://ujp.gov.mk/mk/publikacii/pogledni/64), се намалува и административниот товар и се укинуваат обврските за даночните обврзници (исплатувачи на приходи, вршители на дејност и граѓани) за достава на пријави и извештаи до УЈП, и тоа:

  • ИСПЛАТУВАЧИ НА ПРИХОДИ – Со воведувањето на Електронската пресметка (е-ППД), исплатувачите на приходи почнувајќи со исплатите што ќе ги вршат од 01.01.2018 година, ќе немаат повеќе обврска да му издадат на секој обврзник збирен податок за вкупно платената аконтација, како и да поднесуваат годишни или месечни извештаи ПДД-ГИ, ПДД-ГИ/ОЗП, ПДД-ГИ/ОЦО, ПДД-МИ/ИС.Исто така, исплатувачите преку системот e-pdd.ujp.gov.mk, за исплата на приходи на физички лица-нерезиденти ќе имаат преглед на поднесените барања за користење на даночни стапки според договорите за одбегнување на двојното оданочување и двојното ослободување (Барање за ослободување од данок на доход Б-ОДД и Барање за олеснување односно ослободување од данок на доход по видови на приход Б-ОДД/ВП), како и одобренијата од Управата за јавни приходи издадени по поднесените барања. Во Електронската пресметка (е-ППД) данокот за приходот што треба да се исплати на нерезидентот ќе се пресмета по даночната стапка од меѓународниот договор според одобрението од Управата за јавни приходи.
  • ГРАЃАНИ – Со воведувањето на Електронската пресметка (е-ППД), граѓаните за приходите кои подлежат на оданочување, а се остварени во земјата или во странство, почнувајќи од 01.01.2018 година, немаат повеќе обврска за поднесување на Аконтативни даночни пријави ПДД-АДП/ПИ, ПДД-АДП/КД и ПДД-АДП/ДП.Почнувајќи од 2019 година, Управата за јавни приходи ќе им издава пополнета Годишна даночна пријава на граѓаните преку системот e-pdd.ujp.gov.mk, за приходите кои ќе ги остварат во 2018 година. Граѓанинот ќе има обврска само да ја потврди или корегира пријавата.
  • ФИЗИЧКИ ЛИЦА КОИ ОСТВАРУВААТ ПРИХОДИ ОД ПРОДАЖБА НА СОПСТВЕНИ ЗЕМЈОДЕЛСКИ ПРОИЗВОДИ – Со законските измени и новите даночни процедури за персонален данок, физичките лица кои остваруваат приходи од продажба на сопствени земјоделски производи, за приходите остварени почнувајќи од 1 јануари 2018 година, немаат обврска за поднесување на Пријава за регистрација на обврзниците кои остваруваат приходи од земјоделска дејност УЈП-РДО/З и Барање за паушално оданочување за остварени приходи од земјоделска дејност ПДД-ПЗ.
  • СИТЕ ДАНОЧНИ ОБВРЗНИЦИ кои се обврзани за поднесување на Електронската пресметка (е-ППД), преку системот e-pdd.ujp.gov.mk ќе имаат можност за преглед на износите на повеќе платен платен персонален данок по поднесените Електронски пресметки (е-ППД), како и да поднесуваат и вршат преглед на поднесените Барања за враќање на повеќе или погрешно наплатен ПДД. Ќе нема обврска за поднесување на Барања за пренасочување на погрешно платен ПДД.

Новини и поднесување на електронска пресметка за приходите и персоналниот данок преку e-pdd.ujp.gov.mk

Со цел запознавање со новините и постапките за регистрација и начинот на користење на e-pdd.ujp.gov.mk, пополнување на електронските пресметки за персонален данок, поднесување на барања за користење на нивните даночни права, навремено исполнување на нивните обврски согласно новите даночни процедури…Управата за јавни приходи издаде Брошура „Пресметување и плаќање на е-Персонален данок на доход“ (види http://www.ujp.gov.mk/mk/publikacii/pogledni/67), во која детално се опишани чекорите кои треба да ги преземат одделните категории на даночни обврзници за да се усогласат со новиот начин на даночно работење, односно кои се новите обврски за:

  • ИСПЛАТУВАЧИТЕ НА ПРИХОДИ
  • САМОСТОЈНИ ВРШИТЕЛИ НА ДЕЈНОСТ, ТРГОВЦИ ПОЕДИНЦИ, ЗАНАЕТЧИИ, АДВОКАТИ ЗА ПРИХОДИТЕ ОД ВРШЕЊЕ НА ДЕЈНОСТ
  • ФИЗИЧКИ ЛИЦА КОИ ОСТВАРУВААТ ПРИХОДИ ОД ПРОДАЖБА НА СОПСТВЕНИ ЗЕМЈОДЕЛСКИ ПРОИЗВОДИ И ТРГОВЦИ КОИ ОРГАНИЗИРААТ ЗЕЛЕНИ ПАЗАРИ
  • ГРАЃАНИ КОИ ОСТВАРУВААТ ПРИХОДИ ОД ДРУГИ ФИЗИЧКИ ЛИЦА ИЛИ ПРИХОДИ ОД СТРАНСТВО

ПРЕСМЕТКА НА ПЛАТА ЗА 2018 ГОДИНА – НОВА ВЕРЗИЈА НА КЛИЕНТСКИ СОФТВЕР “МПИН“

Стапки на придонесите од задолжително социјално осигурување
Врз основа на член 9 од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување („Службен весник на РМ“,бр.180/2014), стапките по кои се пресметуваат и плаќаат придонесите од задолжително социјално осигурување почнувајќи со исплата на платата за месец Јануари 2018 година, не се променети во однос на 2017 година (види http://www.ujp.gov.mk/mk/vodic/category/641).

Даночно ослободување
Почнувајќи со исплатата на платата за месец Јануари 2018 година, ќе се применува месечно лично даночно ослободување во износ од 7.531 денари, односно на годишно лично ослободување за 2018 година во износ од 90.372 денари (види http://www.ujp.gov.mk/mk/plakjanje/licno_osloboduvanje).

Нова верзија на клиентски софтвер
За да можете да ја поднесете пресметката за плата за месец Јануари 2018 година, задолжително преземете ја најновата верзија на “МПИН“ клиентскиот софтвер (од 29.12.2017 година), преку веб страницата на УЈП (преземи http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/81).
Пресметката за плата МПИН доставете ја преку интернет, на следната е пошта: celaplata@ujp.gov.mk
При доставување на образецот “МПИН“ за повеќе даночни обврзници, ве молиме пресметките за плата да ги доставувате, одделно, за секој даночен обврзник. Исто така, веќе еднаш доставената пресметка за плата не ја праќате повторно преку е-пошта: celaplata@ujp.gov.mk и во даночните канцеларии на УЈП. Декларацијата и Налогот за плаќање ќе ви бидат доставени на вашата електронска пошта, најдоцна во рок од 24 часа од поднесувањето на пријавата.

Поднесување пресметки за минат период и исправка на пресметки
Доколку поднесувате пресметка за плата која се однесува на минат период од 2009 до 2017 година, или пак вршите исплата по основ на деловна успешност или исправка на пресметка за плата за овој период, потребно е да ги користите стапките на придонеси од задолжително социјално осигурување и даночното ослободување кои важат за тој период согласно Законот.
При исплатата на плата за период од 2009 до 2011 година, највисоката основица за пресметка и уплата на придонесите од задолжително социјално осигурување изнесува ЧЕТИРИ просечни месечни плати, додека за исплатата на плата за период од 2012 до 2014 година највисоката основица за пресметка и уплата на придонесите од задолжително социјално осигурување изнесува ШЕСТ просечни месечни плати. За пресметка и уплата на придонесите од задолжително социјално осигурување за месец ЈАНУАРИ И ФЕВРУАРИ 2015 година не се применува највисоката основица за придонесите, a пресметките за месец МАРТ 2015 дo АВГУСТ 2015 година, највисока основица за пресметка на придонесите од задолжително социјално осигурување изнесува ДВАНАЕСЕТ месечни просечни плати, за примањата од работен однос и за примања по основ на договор за дело и/или авторски договор или друг договор со кој е определен надоместок за извршената работа, а износот од ОСУМ просечни плати за пресметка и уплата на придонеси за самовработено лице.

За пресметка и уплата на придонесите од задолжително социјално осигурување од месец СЕПТЕМВРИ 2015 година до ДЕКЕМВРИ 2017 година, највисока основица за пресметка на придонесите од задолжително социјално осигурување е износот од ДВАНАЕСЕТ просечни месечни плати за пресметка и уплата на придонесите за примања од работен однос и за примања на извршен член на одбор на директори во трговско друштво, член на управен одбор во трговско друштво, односно управител во трговско друштво, а износот од ОСУМ просечни месечни плати за пресметка и уплата на придонеси за самовработено лице.

За пресметка и уплата на придонесите од задолжително социјално осигурување од месец ЈАНУАРИ 2018 година, највисока основица за пресметка и уплата на придонесите од задолжително социјално осигурување е износот од ШЕСНАЕСЕТ просечни месечни плати за пресметување и уплата на придонесите за примања од работен однос и за примања на извршен член на одбор на директори во трговско друштво, член на управен одбор во трговско друштво, односно управител во трговско друштво, а износот од ДВАНАЕСЕТ просечни месечни плати за пресметка и уплата на придонеси за самовработено лице.