/ Прочитано:

1.408

Укинати одредби од Законот за Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен

На иницијатива на адвокатот Никола Источки од Ресен, Уставниот суд го укина членот 4 ставот 2 од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Во укинатиот член 4 став 2 од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен се предвидуваше дека „Предлог за разрешување на претседателот и член на Државната комисија може да поднесе и Владата на Република Македонија.“

Подносителот ја оспорува одредбата од членот 4 ставот 2 од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во Управна постапка и постапка од работен однос во втор степен од аспект на принципот на поделба на власта и владеењето на правото, односно дека со ваквото овластување на Владата извршната власт се мешала во законодавната власт иако меѓу нив постоела јасна уставна поделеност, што претставувало и повреда на уставното начело на владеењето на правото и правната сигурност.

„Овие наводи на подносителот на иницијативата според Судот се основани, од причина што според одредбите од Законот, претседателот и членовите на Државната комисија ги предлага Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија, а ги избира и разрешува Собранието. Судот оцени дека оспорената одредба од член 4 став 2 од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен не е во согласност со уставните начела на владеењето на правото и поделбата на државната власт“, посочуваат од Уставниот суд.

M.В