/ Прочитано:

11.104

УМЕТНИЧКИ ФОТОГРАФ СЕ ИЗБОРИ ЗА СВОИТЕ АВТОРСКИ ПРАВА: Донесена првата пресуда за неовластено преземање фотографија од интернет

Основниот суд Скопје 2 Скопје донесе пресуда со која се утврди дека македонски веб-портал спротивно на Законот за авторското право и други сродни права објавил фотографија од познат балкански рок-музичар. Се работи за фотографско дело на тужителот кој го фотографирал рок-музичарот за време на неговиот концерт. Подоцна, оваа фотографија била раширена на интернет, но, како што стои и во самата пресуда, иако била достапна на пребарувачот Гугл имало предупредување дека може да подлежи на авторски права.

„Оттаму, судот цени дека тужениот бил должен при пребарувањето, а пред да ја преземе таа фотографија, да провери дали е познат и кој е авторот на соодветната фотографија, дали е починат и кога, како и да побара согласност од авторот за натамошна употреба на фотографијата со нејзино објавување или на друг начин“, се наведува во пресудата на граѓанскиот суд, во која стои дека веб-порталот го повредил материјалното и моралното право на тужителот.

Инаку, тужителот, кој е уметнички фотограф, минатата година своето авторско дело го внел во евиденцијата на надлежната институција за интелектуалната сопственост. Во Законот за авторското право и други сродни права се пропишува дека авторско дело, во смисла на овој закон, е интелектуална и индивидуална творба од областа на книжевноста, науката и уметноста, изразена на кој било начин и форма.

Во Законот, се прецизира дека авторско дело е и фотографско дело и дело создадено во постапка слична на фотографската, на што упатува и пресудата. Адвокатката Маја Ристова, која го водеше случајот, посочува дека пресудата за овој предмет е правосилна. Со донесување на оваа пресуда, нагласува адвокатката Ристова,  се создава позитивна судска практика, но се создаваат и општествени промени во државата.

„Значајно е што ова е прва пресуда за неовластено преземање фотографија од интернет. Со оваа пресуда се зајакнува довербата на граѓаните во правосудниот систем, се охрабруваат авторите да преземат мерки при повреда на нивните права кои произлегуваат со создавањето на авторските творби. Оваа пресуда ги охрабрува авторите и им влева поголема доверба во системот. Истовремено, ја зајакнува и нивната сигурност за објавување и споделување на своите авторски дела, но и ги мотивира за создавање на нови креации. Она што најмногу ме радува е тоа што донесувањето на вакви пресуди со сигурност ќе значи и поголема почит на граѓанинот спрема туѓото авторско дело во иднина“, вели адвокатката Маја Ристова.

Во врска со почитувањето на авторските права во Македонија, адвокатката констатира дека авторските права не се почитуваат доволно за што говори и случајот за кој е донесена пресудата.

„Не сум сигурна од која причина е тоа така, дали од неинформираност или едноставно таква ни е културата.  Денес, секој од секого, без знаење и согласност, презема фотографии, видеа, текстови, и ги пренесува како свои или воопшто не обрнува внимание како ги пренесува. Особено е фрапантно што многу од граѓаните се со став дека тоа е ‘нормална работа’, особено ако авторското дело се наоѓа на пребарувачот Гугл“, вели Ристова.

Адвокатката смета дека се потребни измени на Законот за авторското право и сродните права од причина што одредбите од овој закон воопшто не кореспондираат со европската регулатива. Тоа, нагласува адвокатката,  ја отежнува неговата примена во практика и предизвикува нефункционален систем за заштита на авторските права.

М.В