/ Прочитано:

1.149

Унапредување на правната рамка по прашањето на ограничување на правото на слободно движење и расно профилирање

Во Министерството за внатрешни работи се одржа состанок за унапредување на правната рамка по прашањето на ограничување на правото на слободно движење и расно профилирање, како и за потребата од едукација на полицијата на ова поле.

Состанокот беше инициран по заедничко барање поднесено од Народниот правобранител, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Македонско здружение на млади правници, Невладината организација „КХАМ“ и Институтот за човекови права.

Во присуство на државниот секретар Магдалена Несторовска и директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, и претставници од надлежните служби на Министерството за внатрешни работи детално беа разгледани препораките на подносителите на барањето.

На состанокот беше нагласена потребата од вклучување на наведените организации при утврдувањето на модалитетите во законот во правец на прецизно утврдување на случаите на ограничување на слободата на движење и сеопфатно образложување на причините за ограничување на слободата за напуштање на државата во управен акт.

Претставник од наведените организации ќе учествува и при утврдување на начинот на идентификација на полициските службеници при преземање на полициските овластувања при граничните проверки.

Се утврди потребата од понатамошно учество на наведените организации при обука на полициските службеници заради подигање на нивната професионалност во правец на целосно почитување на слободите на правата на граѓаните, без дискриминација.

М.В