/ Прочитано:

11.704

Универзитетските професори Бужаровска и Нанев бараат итно да се укине Законот за видот и одмерувањето на казните

Законот за видот и одмерувањето на казните, истакнуваат универзитетските професори по кривично право, д-р Гордана Бужаровска и д-р Лазар Нанев, е спротивен на Уставот на Република Македонија и сериозно го нарушува начелото на поделба на власта предвидено со Уставот. Овој закон, подвлекуваат професорите, му дозволува на законодавецот да влијае врз судското одмерување на санкциите.

„Законот за видот и одмерувањето на казните доведе до невообичаени контрадикторности во Кривичниот законик коишто може да имаат сериозни реперкусии. Овој закон доведе до формализирање на слободното судиско убедување, сведувајќи го на бодирање и пресметување бодовни разлики помеѓу олеснителните и отежителните околности, наместо грижа за специјалната превенција и индивидуализација на казната“, нагласуваат професорите Бужаровска и Нанев, во својата анализа за примената на Законот за видот и одмерувањето на казните.

Со Законот за видот и одмерувањето на казните, истакнуваат професорите, на мала врата во казненото право се враќа повеќекратниот повтор како отежителна околност, но не како факултативна (каква што постоеше до 1996 година), туку во форма на задолжителна отежнувачка околност која неизбежно доведува до заострување на казната. Закон со слична содржина, образложуваат Бужаровска и Нанев, не постои ниту во европските држави, ниту во државите на англосаксонското право.

Во анализата за примената на Законот за видот и одмерувањето на казните, универзитетските професори по кривично право даваат и препораки за начинот на кој треба да се укине овој закон. Тоа, велат професорите, може да се стори на два начина и тоа преку измена на член 39, став 3 од Кривичниот законик, со што ќе отпадне основот за примена на Законот за видот и одмерувањето на казните или пак преку поднесување на иницијатива до Уставниот суд, со оглед на неговата контрадикторност и неусогласеност со темелните вредности од членот 8 на Уставот.

„Секако, неусогласеноста на Законот со темелните уставни вредности се однесува на владеењето на правото и поделбата на власта, но и со неусогласеноста со уставните одредби кои се однесуваат на независноста на судовите и на обврската на Врховниот суд на Република Македонија, како највисок суд, да го обезбеди единството во примената на законите. Исто така, Законот има и бројни контрадикторности што ги предизвикува во примената на определени одредби во постојните закони, како што е случајот со Кривичниот законик и Законот за кривичната постапка“, аргументираат професорот.

Споредбената анализа, образложуваат понатаму познатите кривичари, покажа дека повеќе држави од common law системот го отфрлиле американскиот модел на упатства за одмерување на санкциите познат како US guideline schemes и развиле сопствени концепти.

„Англосаксонските држави се стремат кон упатства за одмерување на санкции и дефинирање на целите на казнувањето бидејќи немаат систем на релативно пропишани санкции, нема законски минимум и максимум за секое кривично дело. Тие се стремат кон систем што го имаат европските држави на релативно одмерени казни со јасно дефинирани цели на казнувањето, во смисла на генерална и специјална превенција“, велат Бужаровска и Нанев.

„Неизбежен е заклучокот дека законодавецот постапи брзоплето и без доволна анализа на сите импликации што Законот за видот и одмерувањето на казните може да ги предизвика, особено во однос на постапката спрема деца (која е регулирана со посебен закон), примена на одредби од општиот дел на Кривичниот законик во однос на изрекување парична казна за користољубие, ги минимизираше можностите за примена на одредбите за повторување на постапката во согласност со одредбите на Законот за кривичната постапка“, додаваат професорите.

Покрај укинувањето на Законот за видот и одмерувањето на казните, Бужаровска и Нанев порачуваат да се донесе и нов Кривичен законик. Од средбите со практичарите кои биле консултирани за потребите на анализата за примена на  Законот за видот и одмерувањето на казните, произлезен е заклучокот дека е неопходно да се пристапи кон изработка на целосно нов Кривичен законик во кој ќе се преиспитаат казнените рамки за секое одделно кривично дело, ќе се поедностават сложените законски битија на некои кривични дела и ќе се усогласат пропишаните санкции за различни кривични дела во зависност од објектот на заштита.

М.В