/ Прочитано:

3.712

УПОЗ бара работното време да биде 7 часа, а 2 јануари и 2 мај да бидат неработни денови

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) ќе поднесе иницијатива до Владата на Република Македонија за измени на Законот за работните односи и на Законот за празниците во насока на прогласување на 2 јануари и 2 мај за неработни денови, како и за воведување на седумчасовен работен ден, односно работно време од седум часа.

„Време е Македонија да се приклучи на европските трендови и во новиот Закон за работни односи, кој е во фаза на изработка, да се утврди седумчасовен работен ден, односно 35-часовна работна недела. Со седумчасовното работно време ќе се врши подобра распределба на трудот. Намалувањето на работното време за 10,2 проценти од секој работник теоретски ќе доведе до потреба од ангажирање на дополнителен број работници. Од социјален аспект нашето барање го аргументираме со тоа што ќе се зголемат можностите за грижа кон семејството и за рекреација“, образложи Грујовски.

Од УПОЗ иницираат и  измени на Законот за празници. Во 2007 година, образложи Грујовски,  дотогашниот празник 2 јануари се укина како неработен, додека годинава со одлука на Владата повторно се прогласи како неработен.

„Реакциите за ваквата одлука беа позитивни и кај вработените во администрацијата и стопанството. Бидејќи во овој период од годината работните процеси се сведени на минимум, како во јавниот така и во приватниот сектор, предлагаме 2 јануари повторно да биде прогласен за празник.Традицијата на одбележување на Меѓународниот ден на трудот сметаме дека треба да продолжи и, покрај 1 Мај, и 2 мај да биде прогласен за празник “, истакна Грујовски.

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Република Македонија беше носител на идејата за враќање на старото работно време, односно воведување на флексибилно работно време, која беше прифатена од Владата. Овие реформи за флексибилно работно време, иницирани од УПОЗ,  беа со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните, односно овозможување подобри услови за вработените во администрацијата за да имаат шанса да се приспособат на работното време на градинките и училишните установи.

ФЛЕКСИБИЛНО РАБОТНО ВРЕМЕ: Од утре започнува двосменското работење во повеќе државни институции и во градинките

Одлука на Владата на РМ: Од 1 септември флексибилно и сменско работење на администрацијата

ДА СЕ ВРАТИ СТАРОТО РАБОТНО ВРЕМЕ ОД 7:30 ДО 15:30 – едно од барањата на УПОЗ и ЗСА на утрешниот штрајк

ДА СЕ ВРАТИ „СТАРОТО“ РАБОТНО ВРЕМЕ ИЛИ ДА СЕ ВОВЕДЕ ФЛЕКСИБИЛНО РАБОТНО ВРЕМЕ – УПОЗ ја реактивира Иницијативата

Флексибилно работно време, скратено работно време на родител на новородено дете и татковско платено отсуство за намалување на родовиот јаз во платите М.В