/ Прочитано:

872

УПОЗ: Поднесена кривична пријава против претседателот и членовите на Судскиот буџетски совет

„Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Република Македонија (УПОЗ) и Здружението на судска администрација на Република Македонија (ЗСА) поднесоа кривична пријава против претседателот на Судскиот совет на Република Македонија, Зоран Караџовски, како и против членовите на Судскиот буџетски совет на Република Македонија поради основано сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од членот 353 ставот 3 од Кривичниот законик на Република Македонија.

Имено, осомничените членови и претседателот на Судскиот буџетски совет спротивно на својата положба и овластување и спротивно на Законот во два наврати, и тоа на 30.11.2018 година и на 19.12.2018 година, изгласале и донеле одлуки за обезбедување на средства за исплата на додатоци на плата, во висина од 35%, за судиите и членовите на Судскиот совет. Со донесувањето на ваквите одлуки, иако знаеле и биле свесни дека прават инкриминирани дејства на штета на буџетот на судската власт за 2018 година, истите ги изгласале и ги донеле одлуките, со што свесно сториле штета на буџетот на судската власт за 2018 година.

Да потсетиме, во Законот за платите на судиите, во член 7-б е предвидено дека судиите  имаат право на посебен додаток на плата за посебни услови за работа, постоење на висок ризик и доверливост во износ кој не може да изнесува повеќе од 35% од платата на судијата, но не и членовите на судскиот совет. Иако Законот е дециден, на 30 ноември е донесена Одлуката и не застанале тука. Оваа одлука на 19 декември ја прошириле и надградиле со носење на нова Одлука за обезбедување средства за исплата на додатоци на плата за месеците септември и октомври 2018 година, која не само што е спротивна на Законот, туку и е ретроактивна. И со оваа одлука повторно е предвидено на членовите на Судскиот совет да им бидат исплатени додатоци на плата во висина од 35% на износот на нивните плати, а истото е предвидено и да се направи за судиите во судовите на Република Македонија.

Претседателот и членовите на Судскиот буџетски совет, како поранешни и сегашни судии, многу добро се запознаени со фактот дека донесувајќи вакви одлуки спротивни на закон го повредуваат едно од основните начела на правото, а тоа е владеење на правото и неповратното дејство на важење на законите и одлуките, но сепак истите свесно и намерно ја донеле оваа одлука со која се прави огромна штета на буџетот на судската власт.

Од горенаведеното јасно произлегува дека во дејствата на лицата против кои е поднесена кривичната пријава се содржани елементите на кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 3 од казнениот Законик, особено неспорно произлегува умислата и директната намера за повреда на правата на судските службеници и причинување на материјална штета на истите.

Поради ова, пак, оштетените вработени во судската администрација преку подносителите на оваа кривична пријава Синдикатот на УПОЗ, кој е гранков синдикат и Здружението на судска администрација, како здружение на граѓани во кое членуваат вработените во судската администрација, се обратија до Основното јавно обвинителство Скопје како надлежен орган за прогон да ги преземете сите соодветни дејства за кривично гонење на пријавените лица за сторените кривични дела“, стои во соопштението на УПОЗ.

М.В