/ Прочитано:

1.337

Услов за инвестиции е владеење на правото

Во Белград, во организација на реномираниот лондонски „Економист“, се одржува  дводневниот Самит посветен на: ЕУ и Југоисточна Европа – Одржлива обнова на Балканот.

Акцентот на овогодишниот самит е ставен на подобрувањето на економската и регионалната соработка, проширувањето на ЕУ во контекст на Западен Балкан, деловната клима, дигитализацијата, енергетската ефикасност, развојот на услови за економски развој на регионот.

Бизнис-делегацијата на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) на самитот е предводена од претседателката на ССМ,  Данела Арсовска, која го отвори панелот посветен на економијата, заедно со Бојан Марковиќ,  претставник на ЕБОР, Eрика Теоман-Бренер, претставник на Австриската организација за промоција на трговијата, како и Гаетано Масара, претседател на Тунграм.

Говорниците на самитот дискутираа за бизнисот и економијата во регионот, за важноста од економска стабилност, за можностите на регионот настапувајќи како единствен пазар и приближување кон ЕУ, како и за зајакнувањето на довербата на инвеститорите.

„Земјите од Југоисточна Европа повеќе или помалку имаaт слични предизвици, но најголемиот заеднички предизвик кој ги обединува е одржливиот пат кон економски развој, а во таа насока добрососедските односи и политичка стабилност на регионот се дел од клучните услови. Воспоставувањето на заеднички регионален пазар од над 20 милиони ќе го направи регионот поконкурентен, но и секоја од државите поединечно. Обединет пазар значи нови работни места, намалување на трошоците, побрз проток на стоки и луѓе и повеќе инвеститори во Западен Балкан.

Од друга страна, довербата на инвеститорите е поткопана, што е уште еден голем предизвик за нашите земји. Сите се соочуваме со истите предизвици кои се и дел од барањата на Европската Унија кои мора да се регулираат, а тоа се проблемите со владеење на правото, корупцијата и нетранспарентната и брза промена на легислативата. Справувањето со овие клучни предизвици е услов за подобрување на деловната и инвестициската клима, истакна Арсовска во своето обраќање и додаде дека е неопходно поголемо искористување на расположливите фондови со цел да се изгради силна економска мрежа како единствен пазар кој ќе го зајакне регионот и ќе го приближи до ЕУ.

На сесијата беше нагласено дека сега е моментот засилено да се имплементираат структурните економски реформи за поттикнување на инвеститорите и враќање на нивниот интерес за регионот.

Овој самит е еден од клучните настани во организација на „Економист“ како светски бренд кој годишно организира настани на ниво на светските лидери кои дискутираат за стратешки политички и економски прашања. Минатата година Самитот на ЕУ и Југоисточна Европа се одржа во Подгорица, а претходно во Виена, Букурешт и други европски центри.

M.В