/ Прочитано:

1.097

Успешна соработка на Академијата „Павел Шатев“ и Француската амбасада во Република Македонија

Продолжува успешната соработка меѓу Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и Амбасадата на Република Франција во Република Македонија. Во светло на повеќегодишната соработка, а како продолжување на успешните заемни активности, се заокружи и реализацијата на стажот на кандидатот на Државната правосудна академија (ЕНМ) од Република Франција, Светлана Зашова.

akad 2

 „Академијата за судии и јавни обвинители ‘Павел Шатев’ и Амбасадата на Република Франција во Република Македонија успешно ги реализираа сите предвидени активности во 2015 година и таа соработка ќе продолжи преку градењето партнерски однос. Во таа насока, Светлана Зашова, кандидат на Државната правосудна академија (ЕНМ) од Република Франција, во Република Македонија го реализираше потребниот стаж, што е пракса на ЕНМ, кој претставува значаен сегмент за изборот на идните судии и јавни обвинители во Република Франција. Во период од три работни седмици, колку што траеше стажот, Светлана Зашова реализираше повеќе работни средби и состаноци во низа правосудни институции во земјата, во согласност со Агендата што ја подготви Академијата за судии и јавни обвинители, а која беше усогласена со потребите на кандидатот од Република Франција“, беше истакнато на настанот во Академијата за судии и јавни обвинители, посветен на презентацијата на реализираните активности на Академијата и Француската амбасада.

На настанот обраќања имаа: Лоренс Оер, амбасадор на Република Франција во Република Македонија, Анета Арнаудовска, директор на Академијата за судии и јавни обвинители, кандидатот Светлана Зашова,  а свои дискусии имаа и дел од претставниците на органите на Академијата, како и едукатори и ментори од Академијата.

akad 2

 Амбасадорката Лоренс Оер истакна дека соработката на Француската амбасада и Академијата за судии и јавни обвинители е на одлично ниво, за што говорат бројните успешни активности, проекти, како и самата едукација која следи многу актуелни прашања поврзани со начинот на кој се пишуваат судските одлуки,  судската практика на Европскиот суд за човекови права, судискиот интегритет,  мерките за лишување од слобода и едукацијата за обучувачите, за која оваа година посебен фокус ќе се стави на методолошките аспекти.

Во врска со активностите поврзани со остварувањето на потребниот стаж на кандидатите на Француската академија, амбасадорката подвлече дека тие се реализираат на мошне успешен начин, за што говори и престојот на кандидатката Зашова, која, како што подвлече, е извонреден кандидат, со богата биографија градена низ престижното француско правно образование. Во таа насока, Оер изрази големо задоволство што и во македонското правосудство има сѐ повеќе жени, што е одлика и на  Француската академија за правосудство во Бордо.

akad 2

„Јас секогаш им велам на кандидатите: ‘Не заборавајте ја Македонија’. Ѝ честитам на Светлана Зашова и посебно значи што таа избрала мошне тешка тема за време на обуката овде во однос на кривичната постапка и новиот Кривичен закон“, истакна  француската амбасадорка, Оер.

 Директорката на Академијата, Анета Арнаудовска, потенцираше дека Академијата за судии и јавни обвинители и Француската амбасада градат заемен партнерски однос кој резултирал со реализација на бројни активности, особено во делот на едукацијата спроведена од најдобрите обучувачи, па сѐ до организацијата на семинари посветени на значајни теми од областа на етиката, правната аргументација, интегритетот, вештините за примената на Европскиот суд за човековите права и на сѐ што значи неопходност за едукација на судиите и обвинителите.

Арнаудовска истакна дека дел од значајните активности меѓу Академијата и Француската амбасада  претставува и престојот на повеќе кандидати од Франција на стажирање во Академијата за судии и јавни и нагласи дека таквата традиција ќе продолжи, но и дека од оваа година за прв пат ќе биде објавен оглас за испраќање двајца кандидати од Македонија на шестмесечно стажирање во Европскиот суд за човекови права.

akad 2

„Огласот ќе биде отворен за најдобрите кандидати и тие, откако ќе бидат избрани, ќе имаат можност да работат во Европскиот суд за човековите права како  претставници на правосудството на Македонија и кои ќе може да работат на конкретни апликации и предмети.  Наша законска обврска е завршените кандидати да ги испраќаме на стажирање во меѓународните судови и тоа е новина што ја воведовме свесни за потребата од компаративни искуства меѓу правосудствата“, рече Арнаудовска.

Кандидатката Светлана Зашова на настанот нагласи дека ќе понесе извонредни впечатоци од Македонија. Таа јавно се заблагодари за прекрасната програма за реализацијата на стажот, притоа упатувајќи голема благодарност за македонската гостопримливост.

„Ѝ благодарам на директорката Арнаудовска за прекрасната програма. Вие многу придонесовте за мојот престој тука. Посетив повеќе правосудни институции и министерства во Македонија и понесувам одлични впечатоци. Она што важи дека Македонците се гостопримливи на приватен план, се однесува и на професионалниот план“, рече Зашова.

akad 2

Зашова истакна дека во рамките на својот престој остварила повеќе работни средби и состаноци во низа правосудни институции во земјата и се запознала со новите проекти во судството, потоа во Министерството за внатрешни работи и во Министерството за правда. Зашова посебно го нагласи значењето на  постапувањето на Бирото за застапување пред ЕСЧП, а во контекст на конвенциското право и одлуките на Судот во Стразбур. Таа додаде дека од исклучително значење во земјата е и функционирањето на Адвокатската комора и Нотарската комора и како позитивни ги оцени најавите за засилена професионална едукација на адвокатите и нотарите.

Светлана Зашова додаде дека со голем интерес ја следи примената на новиот Закон за кривична постапка и начинот на кој се спроведува Законот во функционална смисла, а од аспект на транзицискиот период од континентално кон англосаксонско право.

Во таа насока, Зашова појасни дека и во Франција имало, пред сѐ, политички предлози за имплементација на елементи од англосаксонскиот систем, но дека таквите гледишта и предлози не биле прифатени затоа што мнозински бил заклучокот дека континенталниот систем обезбедува најдоследно почитување на правната сигурност во контекст на заштитата на човековите права и интереси.

Кандидатката на Француската академија оцени дека едукацијата на идните судии и јавни обвинители е од суштинско значење, што го следи трендот на француската едукација на судии и јавни обвинители.

akad 2

Особено е значаен фактот дека сегашните судии и јавни обвинители треба да поминат низ Академијата, што е многу позитивно за македонското судство. Со голем интерес ќе продолжам да ги следам ваквите едукативни предизвици за македонското судство“, потенцираше Зашова.

M.В