/ Прочитано:

2.733

УСТАВЕН СУД: Законот за прекинување на бременоста не е противуставен

Среда, 8 октомври 2014 – Уставниот Суд  смета дека Законот за прекинување на бременоста не ја доведува во прашање слободата на одлучување туку само ја уредува постапката и им ја доверува на стручните лица од комисиите, смета мнозинството уставни судии.

За разлика од мнозинството судии, судијката Наташа Габер-Дамјановска вели дека државата премногу се меша во личниот живот на жената. Таа нагласува дека спорните членови во законот намерно се ставени за да ја усложнат постапката за доаѓање до абортус за да се принудат жените да се откажат од намерата, бидејќи се воведени нови административни обврски, писмени изјави, одобрение од комисија, советување и чекање три дена по советувањето, што целиот процес го продолжува и едно многу интимно прашање делумно го прави јавно.

Судијата Јован Јосифовски, пак, вели дека Законот не е во спротивност со Уставот затоа што Републиката има посебни овластувања за заштита на децата и мајчинството и ова се прави во нивен интерес.

„Сонот на секоја жена е да се омажи и да стане мајка“, вели судијата Сали Мурати, додавајќи ако се дозволи многу слободен закон за абортус, ќе се зголемат, како што рече, неверствата во бракот и другите неморални појави.

Судот расправаше за 15 члена од Законот за прекинување на бременоста, но одлучи да не поведе постапка.

На седницата Уставниот суд не поведе постапка за неколку оспорени членови од Законот за заштита на населението од заразни болести, Законот за заштита на децата и Законот за основно образование во врска со задолжителното вакцинирање.

На 27 септември 2013 година ХЕРА во соработка со Хелсиншкиот Комитет за човекови права, Коалицијата сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, Реактор – Истражување во акција и професорката Каролина Ристова Астеруд до Уставниот Суд на РМ поднесе Иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Законот за прекинување на бременоста. Со иницијативата беа опфатени 16 спорни членови од Законот кои според нас ги ограничуваат, уназадуваат и делуваат рестриктивно врз репродуктивните права на жената. Акцентот во иницијативата пред се е ставен на административните пречки кои се предвидени во Законот за прекинување на бременоста, а се однесуваат на задолжителното писмено барање за абортус, задолжителното и пристрасно советување и задолжителниот период на чекање од 3 дена.

М.В/veljanoskim@akademik.mk