/ Прочитано:

2.284

Уставниот суд поништи одлука на Општина Центар за „Голем ринг“ и укина одредби од Законот за извршување и од Законот за нотаријатот

Уставниот суд на денешната седница донесе Одлука за поништување на Одлуката донесена од Советот на Општина Центар од март 2017 година, со која се поништени Одлуката за донесување на ДУП – Голем ринг јужен дел запад во Општина Центар и Одлуката за донесување на ДУП – Голем ринг јужен дел исток во Општина Центар од 2012 година.

Како што појаснуваат од Судот, општините не може да поништуваат детални урбанистички планови, туку да донесуваат ДУП, а доколку сметаат дека не се во ред, тогаш може да ги менуваат. Само Уставниот суд може да поништува и да укинува ДУП.

Уставните судии на денешната седница со мнозинство гласови укинаа одредба од Законот за извршување, која предвидува барањето за извршување чија вредност на главното побарување е над 10 илјади евра задолжително да го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис, освен во случаите кога како странка во извршувањето е Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, друштво за осигурување.

Укинати се и законските одредби со кои се предвидува приговорот против извршниот акт и жалбата против донесеното решение по приговорот за предмети чија вредност на главното побарување е над 10 илјади евра задолжително да го составува адвокат.

Подносители на иницијативата се граѓани од Прилеп.

Судот денеска укина членови од Законот за нотаријат со кои се предвидуваше доколку нотарот не го положи стручниот испит за проверка на знаењето во предвидените рокови, должен е најдоцна во рок од 30 дена од одржување на стручниот испит да плати казна од три илјади евра на Нотарската академија на Комората, кои ќе се користат за стручно оспособување на нотарите во рамки на Комората.

По плаќањето на казната, нотарот се стекнува со право повторно да го полага стручниот испит во рок од шест месеци, а доколку не ја плати казната или не го положи стручниот испит, ќе биде поведена постапка за разрешување на нотарот.