/ Прочитано:

1.014

Уставниот суд поведе постапка за одредби од Законот за царинската управа

Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на членот 9 во делот „Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост“ од Законот за царинската управа.

Според наводите во иницијативата, поднесена од Игорчо Точев од Кочани, оспорениот дел од одредбата од членот 9 од Законот за царинската управа пропишувала дека „Царинската управа работите од својата надлежност ги врши согласно со овој закон, Царинскиот закон, Законот за царинската тарифа, Законот за акцизите, Закон за даночна постапка, Законот за царински мерки за заштита на правата од интелектуална сопственост и други закони со кои се уредува увозот, извозот и транзитот на стока, како и за извршување на други дејности коишто со други закони ѝ се утврдени во надлежност.“

Во иницијативата се цитира членот 9 од Законот за царинската управа кој се компарира со одредбите на членот 44 став 1 и членот 45 од Законот за царински мерки за спроведување на заштита на правата од интелектуална сопственост, од аспект на тоа што Законот за царински мерки за спроведување на заштита на правата од интелектуална сопственост престанал да важи сметано од 5.6.2015 година, и оттука произлегувало дека оспорениот дел од одредбата од членот 9 од Законот за царинска управа упатувал на пропис кој веќе не е дел од правниот поредок, што било во спротивност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 став 1 од Уставот на Република Македонија, и од тие причини се бара одредбата да биде укината.

„Од цитираната содржина на членот 9 произлегува дека тој се повикува на Закон кој веќе не е во правниот поредок, на што се укажува и во поднесената иницијатива. Со оглед на тоа што оспорениот член 9 содржи повикување на Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост, кој веќе не е во правниот поредок, Судот утврди дека постојат основи за доведување под сомневање на согласноста на оспорената одредба од членот 9 со принципот на владеењето на правото утврден во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот“, се вели во решението на Уставниот суд.

Исто така, Судот оцени дека со ваквата форму­лација постојат уставни противречности и не се работи само за одделниот поим употребен во овој закон, туку има и нејаснотија и конфузност кои следуваат од нејасната одредба.

M.В