/ Прочитано:

1.777

Уставниот суд поведе постапка за одредби од Законот за вонпарнична постапка кои упатуваат на ставови што не постојат

Уставниот суд на Република Македонија поведе постапка за оценување на уставноста на членот 236 ставот 1 во делот: „ставови 2 и 3“ од Законот за вонпарнична постапка.

Според наводите во иницијативата поднесена од Дарко Јаневски, оспорениот член 236 став 1 од Законот за вонпарнична постапка упатува на членот 222 ставови 2 и 3 од истиот закон, но од Законот за вонпарнична постапка можелo да се забележи дека во членот 222 од Законот за вонпарнична постапка не постојат ставови 2 и 3, како што упатува членот 236 став 1 од Законот.

Оттука, според иницијативата, недвосмислено можело да се утврди дека законодавецот предизвикал правна несигурност кај граѓаните на Република Македонија, а во однос на тоа дека правната сигурност е дел од владеењето на правото, а со тоа зборот и бројките „ставови 2 и 3“ од член 236 став 1 од Законот за вонпарнична постапка („Службен весник на РМ“ бр. 9 од 18.1.2008 година), биле во директна спротивност со членот 8 ставот 1 алинејата 3 од Уставот на РМ, односно со владеењето на правото како темелен принцип на уставниот поредок на Република Македонија.

„Членот 236 став 1 од Законот упатува на примена на ставови од член од Законот кои воопшто не постојат, што според Судот истиот во оспорениот дел основано може да се доведе под сомнение по однос на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, односно со принципот на владеењето на правото. Ова од причина што не станува збор за незначителен технички пропуст при изготвување на законскиот текст, туку упатување на норми кои се непостоечки, што доведува до правна несигурност, нејаснотии и забуна во практикувањето на правото на субјектите кои се засегнати со конкретната правна проблематика“, посочуваат од Уставниот суд.

М.В