/ Прочитано:

1.261

Уставниот суд укина одредби од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата

Уставниот суд го укина членот 252 ставот 2 алинејата 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Според укинатиот член, Министерството за внатрешни работи со решение ќе му ја одземе лиценцата на испитниот центар, ако финансиските обврски утврдени со овој закон не ги намирува со уплати на сметки на надлежните институции.

Според Судот, содржината на оспорениот член 252 од Законот, како и наводите од иницијативата поднесена од Стамен Филипов пропишувањето на условот министерот за внатрешни работи со решение да му ја одземе лиценцата на испитниот центар ако финансиските обврски утврдени со овој закон не ги намирува со уплати на сметки на надлежните институции, излегуваат надвор од соодветните законски механизми.

Тоа, велат од Судот,  доведува до состојба исполнувањето на обврската на лицето од одреден статус да влијае на остварувањето на право од друг статус, што е уставно недопуштено, а секако води кон стеснување на обемот на правото на работа и достапноста на секое работно место секому под еднакви услови.

„Судот оцени дека оспорената одредба не го задоволува критериумот на јасна и прецизна норма како нужен елемент за обезбедување на владеењето на правото. Ова, затоа што без прецизирање што се подразбира под „финансиските обврски”, односно без конкретно определување кои се тие финансиски давачки предвидени со закон чие неплаќање повлекува исклучително строга санкција – одземање на лиценца, остава простор за арбитрарност во примената на одредбата, што е недозволиво. Ова, поради тоа што наведената уставна норма не дава уставен основ законодавецот да регулира по сила на закон ограничување на сопственоста, односно вршење на дејноста за која испитниот центар е регистриран, а со тоа се ограничува и правото на располагање со сопствениот приватен капитал која како институт во себе ја содржи диспозицијата на сопственикот. Имено, лиценцата е исправа со која се дава овластување од надлежен државен орган со која се докажува дека се исполнети одредени пропишани услови за стручна оспособеност и овластување за извршување одредени работи. Токму поради тоа, и оспорената одредба треба да содржи јасни и прецизни причини поради кои на испитниот центар како правно лице би му се одземала лиценцата за работа. Создадената норма, според Судот, треба да биде лесно разбирлива и за оној што ја креирал, но и за оние што ја применуваат и оние на кои се однесува“, се образложува во одлуката на Уставниот суд.

M.В