/ Прочитано:

1.463

Уставниот суд укина одредби од Законот за Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор

Уставниот суд на Република Македонија по иницијативата поднесена од Никола Источки, адвокат од Ресен, го укина членот 4 став 3 од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка .

Според укинатиот член 4 став 3 од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, предлог за разрешување на претседателот и членот на Државната комисија може да поднесе и Владата на Република Македонија.

Одредбата од членот 4 став 3 од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен од областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка беше оспорена од аспект на принципот на поделба на власта и владеењето на правото, односно дека со ваквото овластување на Владата извршната власт навлегувала во законодавната власт, иако меѓу нив постоела јасна уставна поделеност, што претставувало и повреда на уставното начело на владеењето на правото и правната сигурност.

„Наводите на подносителот на иницијативата Судот ги прифати како основани, од причина што според одредбите од Законот, претседателот и членовите на Државната комисија ги предлага Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија, а ги избира и разрешува Собранието. За Судот, определбата на законодавецот е јасна во смисла на тоа дека целокупниот процес на предлагање, избор и разрешување на претседателот и членовите на Комисијата е во надлежност на Собранието и неговите тела, така што логично би било Собранието, коешто според овој закон е надлежно да ги разрешува претседателот и членовите, тоа да го прави на предлог на собраниската Комисија за прашањата на избори и именувања, којашто согласно Законот е надлежна да го предлага изборот на претседателот и членовите на Комисијата. Со вклучувањето на Владата во овој процес, преку можноста таа да предложи разрешување на претседателот или член на Државната комисија, според мислењето на Судот се навлегува во сферата на работа на Собранието и се нарушува принципот на поделба на власта на законодавна, извршна и судска. Покрај тоа, во Законот воопшто не е уредена постапката за разрешување, ниту пак се утврдени критериумите кога Владата може да предложи разрешување на претседателот или член на Државната комисија. Отсуството на законско регулирање на овие аспекти според Судот, создава правна несигурност на граѓаните, што е спротивно на уставното начело на владеењето на правото“, се вели во одлуката на Судот.

М.В