/ Прочитано:

1.676

Уставниот суд укина одредби од Законот за приватно обезбедување

Уставниот суд го укина членот 22 ставот 1 точката 5 од Законот за приватно обезбедување. Членот 22 ставот 1 точката 5 од Законот за приватно обезбедување определува услов за добивање на лиценца за обезбедување да биде физичкото лице (1) да не е осудено со правосилна судска пресуда или (2) против него да не се води кривична постапка за кривично дело за кое се гони по службена должност.

„Судот оценува дека наведената законска одредба определува, независно од содржината на правосилна судска пресуда, односно од видот на кривичното дело и видот на изречената казна, како и независно од непостоењето на правосилна судска пресуда иако се води кривична постапка, физичкото лице да трпи правна последица, а тоа не е во согласност со наведените уставни и законски определби“, истакнуваат од Уставниот суд.

Правни последици од осудата што се надоврзуваат на осудите за определени кривични дела, истакнуваат од Уставниот суд, можат да настапат само врз основа на правосилна судска осудителна пресуда и кога со пресудата се изрекува казна затвор, при што правната последица со која се забранува стекнување на определени права може да трае најдолго десет години, а не може да настапи правна последица без правосилна судска осудителна пресуда и без пресуда со која се изрекува казна затвор.

„Владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок, при што темелната вредност – владеење на правото се операционализира така што со закон се утврдуваат кривичните дела, се пропишуваат казни за нив и никој не може да биде казнет за дело кое не било предвидено со закон како кривично дело и не била пропишана казна за тоа дело, а темелната вредност – поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска се операционализира така што се определува дека со судска одлука се утврдува вина на лицето обвинето за кривично дело и дека обвинетото лице се смета за невино сè до донесувањето на правосилна осудителна судска одлука“, се вели во Одлуката на Уставниот суд.

М.В