/ Прочитано:

1.521

Уставниот суд укина одредби од Законот за шумите кои повикуваа на погрешни и непостојни ставови

Уставниот суд го укина член 102 став 1 алинеја 12 во делот „и 4“ и член 103 став 1 алинеја 3 во делот „став 5“ од Законот за шумите. Во оспорената одредба на членот 102 став 1 алинеја 12 и членот 103 став 1 алинеја 3, посочуваат од Уставниот суд, погрешно е означен ставот, односно наместо член 52 став 4 би требало да стои член 52 став 3 односно став 4, бидејќи првобитниот став 4 и став 5 на членот 52 од основниот текст на Законот го промениле редоследот и станале став 3 и став 4 по бришењето на претходниот став 3 со измените на Законот за изменување и дополнување на Законот за шумите.

Во оспорениот член 102 став 1 алинеја 12 во делот „и 4“ и во член 103 став 1 алинеја 3 во делот „став 5“ од Законот за шумите повикувањето на одредбите од членот 52 во деловите „и 4“ и „став 5“ доведува до забуна со оглед на тоа дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за шумите, во членот 52 ставот 3 се брише, а ставовите 4, 5, 6 и 7 стануваат 3, 4, 5 и 6.

„Подоцнежните измени и дополнувања на Законот за шумите не предвидуваат пренумерација на споменатите ставови и произлегува дека содржината на ставот 3 кој е бришан, сè уште е дел од правниот поредок, а повикувањето на одредби од членот 52 со погрешни ставови доведува до забуна во однос на тоа која е нивната содржина и се создава неповрзана логично-правна и функционална целина на законските одредби“, велат од Уставниот суд.

„Постоењето на одредба со која се врши измена или содржи повикување на одредба која е непостојна создава правна несигурност во примената на законот. Таквата одредба е неприменлива и треба да биде отстранета од правниот поредок и од тие причини, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, односно со темелната вредност на уставниот поредок – владеење на правото и принципот на правна сигурност како нејзин составен дел“, образложуваат во Уставниот суд во одлуката.

М.В