/ Прочитано:

2.073

Уставниот суд укина одредби од Законот за вонпарнична постапка кои упатуваа на норми што не постојат

Уставниот суд на Република Македонија го укина членот 236 став 1 во делот: „ставови 2 и 3“ од Законот за вонпарнична постапка. Со укинатиот член 236 став 1 од Законот се предвидуваше дека „ако вредноста на спорната гранична површина го надминува износот од 150.000 денари, судот ќе одлучи согласно со член 222 ставови 2 и 3 од овој закон, ако со тоа се согласат учесниците.“

Од увидот во целината на Законот, велат од Уставниот суд, а особено во членот 222 од Законот за вонпарнична постапка, Судот утврди  дека Законот  нема ставови 2 и 3, на што упатува оспорениот член 236 став 1.

Според иницијативата поднесена до Уставниот суд, недвосмислено можело да се утврди дека законодавецот предизвикал правна несигурност кај граѓаните на Република Македонија, а во однос на тоа дека правната сигурност е дел од владеењето на правото, а со тоа зборот и бројките „ставови 2 и 3“ од членот 236 став 1 од Законот за вонпарнична постапка биле во директна спротивност со членот 8 ставот 1 алинејата 3 од Уставот на РМ, односно со владеењето на правото како темелен принцип на уставниот поредок на Република Македонија.

„Членот 236 став 1 од Законот упатува на примена на ставови од член од Законот кои воопшто не постојат, што според Судот е во спротивност со принципот на владеењето на правото. Ова од причина што не станува збор за незначителен технички пропуст при изготвување на законскиот текст, туку упатување на норми кои се непостоечки, што доведува до правна несигурност, нејаснотии и забуна во практикувањето на правото на субјектите кои се засегнати со конкретната правна проблематика“, посочуваат од Уставниот суд.

М.В