/ Прочитано:

2.009

Уставните амандмани, Уставниот закон и Законот за употреба на јазиците објавени на Академика

Амандманите 33, 34, 35, и 36 на Уставот на Република Македонија, Уставниот закон за спроведување на амандманите и Законот за употреба на јазиците се објавени на Академика.

Со амандманот XXXIII во Уставот на РМ зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“. Другите амандмани се однесуваат на промените во Преамбулата,  на гарантирањето на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави и на грижата за дијаспората.

„Амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија влегуваат во сила со влегувањето во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од Првата страна на Конечната спогодба.

Амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија не произведуваат правно дејство, не влегуваат во сила и се неважечки доколку веднаш не се исполнат условите утврдени во ставот 1 на овој член“, се пропишува во Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија.

„На целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албански јазик), исто така, е службен јазик и неговото писмо, согласно овој закон“, се пропишува во Законот за употреба на јазиците.