/ Прочитано:

1.386

Усвоен Првиот годишен извештај за имплементација на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор

Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор, денеска, во Владата на Република Македонија ја одржа десеттата седница, која ја водеше министерката за правда, Рената Дескоска.

Членовите на Советот го усвоија Првиот годишен извештај за имплементација на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор (2017 – 2022), презентиран од претставник на Министерството за правда. Извештајот покажува преглед и степен на реализација на досегашните достигнувања во реформата на правосудниот сектор предвидени со Акцискиот план на Стратегијата и е фокусиран на досега донесените законски решенија и постигнатото зголемување на ефикасноста на судовите и подобрување на правосудството.

На седницата беше констатирано дека извештајот ги следи стратешките цели на реформите во овој сектор и ги опфаќа мерките и активностите кои ќе се реализираат во предвидениот рок, со вклучување на сите институции во правосудниот систем.

Пред членовите на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор беше претставена и Анализата на судската мрежа во Република Македонија.

Во врска со Анализата на судската мрежа во Република Македонија беше заклучено дека подетално ќе се разгледува и на една од наредните седници, од каде што ќе произлезе потребата за понатамошни анализи или креирање политики.

М.В