/ Прочитано:

1.411

Усвоена Стратегијата за реформи во јавната администрација и разгледана Предлог-стратегијата за ИКТ во правосудството

Владата на Република Македонија ја разгледа и ја усвои „Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018 – 2022 година“ и го прифати Акцискиот план за спроведување на Стратегијата.

„Тргнувајќи од еден од главните стратешки приоритети, кој се однесува на јавната администрација, дека Владата на Република Македонија ќе работи на создавање стручна и ефикасна, отчетна и транспарентна администрација, која ќе обезбеди квалитетни услуги за граѓаните и бизнис-секторот и ќе ги заштити нивните права, реформата во јавната администрација во поширока смисла значи реформа во приоритетни области, креирање на политики и координација, јавна служба и управување со човечки ресурси, одговорност, отчетност и транспарентност, јавни услуги и ИКТ-поддршка на администрацијата, како и во управувањето со јавните финансии“, информираат од Владата.

Покрај усвојувањето на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018 – 2022 година, Владата ја разгледа и Информацијата за Предлог-стратегијата за информатичко-комуникациска технологија во правосудство.

„Со спроведувањето на ИКТ-решенија и системи, во согласност со европските и меѓународните стандарди, целта ќе биде да се зголеми пристапноста, навременоста и лесното користење на правосудните услуги за сите корисници, да се подобри квалитетот на податоците, заштитата и безбедноста, како и соработката со други правосудни системи, со институциите на Европската Унија, со нејзините земји членки и со меѓународните организации“, посочуваат од Владата.

М.В