/Прочитано:

1.945

Вакцинацијата од уставноправен аспект во една од одлуките на Уставниот суд

Во 2014 година Уставниот суд не поведе постапка членот 33 ставот 2 и за членот 67 точката 6 од Законот за заштита на населението од заразни болести и на членот 46 ставот 2 од Законот за основното образование и на членот 30-а ставот 5 алинејата 1 од Законот за заштита на децата. Во Иницијативата до Уставниот суд се бараше укинување на задолжителната вакцинација.

Судот оцени дека се неосновани тврдењата во иницијативата за повреда на одредбите од Уставот на кои се повикува таа. Задолжителната вакцинација во ниту еден момент не може да се доведе под сомнение во однос на одредбите од Уставот, каде што се предвидува дека граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите, како и тоа дека родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата.

„Од наведеното, јасно и недвосмислено произлегува дека во случај на одбивање на вакцинацијата од страна на родителите, истите не само што го загрозуваат здравјето на сопствените деца, туку и здравјето на другите лица кои поради медицински контраиндикации не се вакцинирани и на тој начин им го ускратуваат правото на здрав живот. Во врска со тоа заради обезбедување на наведеното право, според мислењето на Судот, уставно оправдано е со закон да се обврзат граѓаните на вакцинација против болести чие спречување е во интерес на Република Македонија.

Редовната вакцинација е една од специфичните мерки на заштита од заразните болести. Нејзината задолжителност се утврдува само за одредени заразни болести и на определена возраст утврдена со календарот за имунизација, за што има медицинско оправдување. Со редовната вакцинација не се штити само лицето кое се вакцинира туку се создава и колективен имунитет помеѓу населението, што ја спречува циркулацијата на инфективните агенси. Оттука, заради заштита на здравјето на детето и правото на детето на здравје, Судот оцени дека оправдано е на родителите да им се ускрати правото на избор за невакцинација од причина што правото на здравје на детето е посилно од правото на избор на родителите.

Имунизацијата е една од најуспешните и најефикасни здравствени интервенции за заштита на здравјето на децата. Со оспорената одредба се дава обврска за одредена група на лица на одредена возраст за задолжителна вакцинација само за одредени болести како што се сипаници, детска парализа, дифтерија, тетануси пертузис, а сè со цел спречување на вистински и непотребни здравствени ризици“, се посочува во Решението на Уставниот суд.

Според Судот, обврската за задолжителна вакцинација претставува дозволено ограничување на фундаменталните права на засегнатото лице со оглед на тоа што е неопходна мерка во демократската држава заради заштита на јавната сигурност, здравје, права и слободи на други лица.

„Задолжителната вакцинација во суштина претставува ограничување на правото за поединците да одлучат за дејствија кои се однесуваат на нивната сопствена личност и тело, на правото на заштита на физичкиот интегритет (член 11 од Уставот) и на правото на доброволно медицинско лекување, но според наше мислење таквото ограничување е пропорционално, а со тоа и во согласност со Уставот. Имено, целта на вакцинацијата е да се развие активната и пасивната заштита од заразни болести, а пак, заштитата на здравјето на децата и заштитата од заразни болести од уставен аспект ја оправдуваат задолжителната вакцинација на определена возраст“, посочија од Уставниот суд.

М.В