/ Прочитано:

2.545

ВЕЛЕШКАТА АДВОКАТСКА ЗАЕДНИЦА: „Кривична пријава против непознат нотар за надриписарство“

Велешките адвокати поднесоа кривична пријава за надриписарство против правно лице, против одговорното лице во правното лице и против Н.Н нотар. Оливер Гашев, претседател на велешката адвокатска заедница, за Академик вели дека сите членови на адвокатската заедница едногласно одлучиле за поднесувањето на кривичната пријава.

Едногласна одлука за кривичната пријава

Имавме состанок на адвокатската заедница и едногласно одлучивме кривичната пријава да биде поднесена до велешкото обвинителство. Во конкретниов случај, се работи за следново: Наша колешка случајно купувала нешто во трафика и пред неа некој друг купувач побарал договор за купопродажба на автомобил. Продавачот му дал таков договор и му го наплатил 10 денари. Колешката, заинтригирана од тоа што го видела, исто така побарала таков договор. Го прашала продавачот дали може да добие фискална сметка, на што тој и одговорил дека нема потреба од фискална сметка и дека договорот е уреден и валиден бидејќи се прави во соработка со нотар од градот“, вели Гашев.

Претседателот на велешката адвокатска заедница истакнува дека како заедница веднаш реагирале и одлучиле дека ваквиот случај мора да биде расветлен. Тој додава дека со надриписарството како проблем се соочуваат веќе подолго време.

„Веќе подолго време како адвокати се соочуваме со проблемот на надриписарството. Во овој случај има доказ. Случајот е во фаза на истрага и нашата колешка е повикана да даде исказ. Тука треба да се види и колку и дали вакви договори се наоѓаат кај оние што практикуваат надриписартсво или дали постојат потврдени од нотар“, вели Гашев, кој појаснува дека се работи за купопродажни договори напишани рачно, со употреба на хемиско пенкало.

Поддршка од АКРМ

„Се доведуваме во многу непријатна ситуација. Акти кои може да ги составува само адвокат да се продаваат во трафика по цена од десет денари. Треба да се почитува презумпцијата на невиност, да се спроведе истрагата, тука се доказите, да се види кој е одговорен, да се лоцира одговорноста за надрипистарството и за поттикнувањето на надриписарството и ваквите работи конечно да престанат“, додава адвокатот Оливер Гашев. Претседателот на велешката адвокатска заедница вели дека за случајот била информирана Адвокатската комора на Република Македонија, која дала целосна поддршка на велешката адвокатска заедница.

„Ова не се случува само во Велес“

И неговиот колега, велешкиот адвокат Гроздан Сутинов, како еден од потписниците на кривичната пријава, вели дека кривичната пријава следува по долгогодишните проблеми со надриписарството со кои се соочувала велешката адвокатура, иако и претходно имало соодветни иницијативи за негово „расчистување“.

„Тука, според она што постои како доказ, се работи за разработена шема за надриписарство. Договори се продаваат во киоск. Во конкретниот случај, се работи за купопродажен договор на автомобил, составен рачно. Овој проблем веќе подолго време е присутен во Велес, но вакви појави има и во другите градови. Таков на пример беше случајот во Неготино, каде после опомената за кривична пријава, работите малку се смирија. И покрај нашите предупредувања пред одреден период, тука работите продолжија по старо. Овој случај мора да се расветли, како и сите вакви појави низ земјава, кои мора час поскоро да се искоренат, најмногу заради интересите на граѓаните“, додава адвокатот Сутинов.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

24.9.2015